Бесот за Кочани се чувствува кај луѓето во секој разговор. Но тоа не е само бес – тоа е необјасниво чувство на тага, разочараност, гадење и дилеми.
Многумина си го поставуваат истото прашање:
Дали можам да си дозволам децата да ми растат во ваков систем?
Дали воопшто ќе пораснат?
Што ако си заминат предвреме?
Дали да останам и да го изолирам, или да си заминам со наведната глава?
Дали да го пуштам на роденден, затоа што може да не ми се врати?
Што ако не стане доволно снаодлив и паметен за да извади партиска книшка на време? Од што ќе живее?
Замисли да згреши нешто и да мора да се појави на суд, а нема партиска книшка.
Дали да го однесам на фудбал, ако знам дека ќе се разочара затоа што синот на министерот мора да игра, а тој ќе остане резерва?
Што ако немам да дадам нешто „под рака“ ако, не дај Боже, ми треба лекар?
Што ако не го примат во училиштето каде што сакам да го пратам?
Дали моето дете во оваа држава е само статистика, број, една од многуте жртви на овој систем?
До кога вака? До каде вака?