Само парична казна доби Судијата Пајазити кој определи куќен притвор за припадникот на УЧК што избега во Косово

Судскиот совет денеска одлучи судијата Пајазит Пајазити, кој неосновано го пушти во домашен притвор поранешниот војник на косовската ОВК Блерим Рамадани, кој тоа го искористи за да побегне од државата, да плати само парична казна. Пајазити, кого Советот имаше можност и да го разреши, сепак ќе продолжи да работи, но во следните шест месеци платата ќе му биде намалена за 30 отсто.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“, која ја надгледува работата на Судскиот совет, велат дека е важно какви казни тој пропишува, но многу поважно е каков ефект ќе има пропишаната казна врз санкционираниот судија.

„Не е толку во тоа каква казна ќе биде изречена, односно најчесто прашањето е колку е ефективна казната и колку навистина делува врз работата на судиите. Така што, важно е Судскиот совет, освен репресивно, да делува и превентивно во делот на ефикасноста на судиите и судството, пред сè во нивното работење, како граѓаните на крајот би можеле да бидат задоволни од постапката што трае. Така што, многу е важен делот како Судскиот совет ќе ги води постапката и на крајот дали ќе изрече правилна и правична одлука односно мерка, доколку постои, за одреден судија“, вели за „Алсат“ Ивана Петковска, Коалиција сите за правично судење.

На 22 јули минатата година, судијата Пајазит Пајазити, иако ги имал сите факти кои укажувале дека поранешниот војник на ОВК може да избега, му одредил куќен наместо ефективен притвор, а Рамадани подоцна се даде во бегство во Косово. И покрај тоа што токму судскиот совет ги констатираше сите овие прекршоци на Пајазити, девет месеци подоцна, тој е само парично казнет. Пајазити има и други дискутабилни пресуди, како онаа кога како судија на претходна постапка не одреди притвор за групата лица кои упаднаа во М-НАВ предводени од Беким Незири.

Пронајдете не на следниве мрежи: