Само 100 минути возење велосипед неделно може да го намали ризикот од смрт: Еве што покажале студиите

Истражувачите изјавија дека вкупниот ризик од смрт се намалува за околу 10 проценти кај луѓето кои возат велосипед 100 минути неделно, односно еден час и 40 минути, објави денес BFM.

Возењето велосипед до работното место може да придонесе за подобро физичко и ментално здравје на вработените, намалено отсуство од работа и пониски трошоци за социјалното осигурување и компаниите, според студиите презентирани за време на вебинар организиран од работодавачи кои се залагаат за велосипедизам и Француската федерација на корисници на велосипеди (FUB) .

„Ова значи дека дури и кога ќе го земеме предвид ризикот од паѓања или загадувањето на воздухот, целокупниот резултат е сепак во голема мера корисен“, рече истражувачот и специјалист за здравствени ефекти од климатските политики, Кевин Џин.

Според него, физичката активност придонесува за намалување на ризикотод кардиоваскуларни заболувања, хипертензија, фрактури, дијабетес тип 2, рак, депресија и анксиозност, а го подобрува и сонот, когнитивните функции, здравјето на коските и мускулите и менталното здравје.

Една студија покажа дека ако 25 проценти од кратките патувања со автомобил помали од пет километри се заменат со возење велосипед, би можеле да се избегнат околу 2.000 смртни случаи годишно.

Студиите, исто така, покажаа врска помеѓу возењето велосипед до работа и помалку отсуства од работа.

Анкета од 2010 година на околу 1.000 Холанѓани покажа намалување од 15 проценти на отсуства од работа кај вработените кои оделе со велосипед на работа.

Друга студија, спроведена на 28.000 вработени во Финска од 2019 до 2022 година, покажа дека отсуството од работа се намалило за осум до 12 проценти кај оние кои возеле велосипед најмалку 60 километри неделно.

Долгорочните боледувања се намалија за 18 проценти.

Студија спроведена врз 800 учесници во Велика Британија во 2016 година покажа дека велосипедистите имале просечно еден ден помалку отсуство од работа годишно, со подобрено ментално здравје.

Трошоците за отсуство поради болест, повреди поврзани со работата и професионални болести го чинат францускиот систем за социјално осигурување речиси 18 милијарди евра до 2025 година.

Според анализата на економистот и професор Лоран Капелети, отсуството од работа ја чини француската економија повеќе од 100 милијарди евра годишно, или околу три проценти од БДП.

Затоа, некои работодавци воведуваат мерки за да ги охрабрат вработените да доаѓаат на работа со велосипед.

Фондот за основно здравствено осигурување на Горна Гарона (CPAM) го подобри просторот за паркирање велосипеди и отвори простор со алатки за самостојни помали поправки, а на вработените им се обезбедуваат и бесплатни закажувања за поголеми поправки кај мајстор.
The post Само 100 минути возење велосипед неделно може да го намали ризикот од смрт: Еве што покажале студиите appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: