Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, изготвенa во продукција на „New Clаp“, а поддржана од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, премиерно ќе се одигра денеска во општините Могила и Новаци.
Автор на претставата е Сашо Кокаланов, а режисер Сашо Миленковски.
Како што информираат од „Еко Свест“, „Бардо Тодор“е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоцентрала со коп на јаглен, приклештени во противречноста – убиецот да им е и главен работодавец.
Таа ќе се игра на отворено, за да му се даде можност на Комбинатот (РЕК Битола) да биде лик во комедијата.
Од „Еко-свест“ нагласуваат дека ваквиот тип на претстави се наменети да допрат до широката јавноста за потребата да се направат промени во однос на производството на електрична енергија од фосилни горива, што носи страшни последици врз здравјето на луѓето.
Оттаму се надеваат дека пораката што ја испраќа претставата ќе допре до граѓаните.
Претставата која на сатиричен начин носи силна порака ќе биде одиграна во општинскиот двор во Могила во 12 часот, додека, жителите на Новаци во општинскиот двор ќе имат прилика да ја проследат во 18 часот.
Оваа црна комедија е наменета за возрасната публика, а на 10 јуни ќе биде прикажана и во Битола