Саудиското МВР создаде апликација со која мажите можат да ги следат сопругите и ќерките

Министерството за внатрешни работи на Саудитска Арабија создаде апликација за паметни телефони, која им дозволува на мажите „заштитници“ да го следат движењето на жените „зависнички“ од нив и да го спречат евентуалното преминување преку граница. Таа апликација е создадена поради тоа што се зголемува бројот на жени, кои бегаат од ултра-конзервативното кралство.
Апликацијата, наречена Абшер (Absher), што на арапски јазик значи „Добри вести“, се употребува веќе неколку години, но, пред извесно време таа го привлече вниманието на медиумите низ светот откако беше обелоденет случајот на саудиската тинејџерка Рахаф Мохамед, која избега од Кралството поради деспотизмот во нејзиното семејство и побара засолниште во Канада.


Апликацијата им дозволува на мажите да ги следат своите „зависни“ сопруги и ќерки, и да добиваат известувања кога тие користат пасош за да патуваат надвор од Саудиска Арабија.
Саудитското МВР, кое управува со апликацијата, тврди дека тоа е обид за создавање платформа за дигитални услуги, која ја вклучува и можноста за онлајн плаќање парични казни.
Од друга страна, саудиските мажи ја користат прекумерно секцијата за регистрација на „зависничките” и за известувања, со цел да ја ограничат слободата на жените.
Треба да се напомене дека саудиското право вели дека е од суштинско значење за секоја жена да има
легитимен „чувар”, обично татко или сопруг, кој може „да и го следи” движењето и секојдневието во текот на нејзиниот живот.
Во меѓувреме, „Епл“ и „Гугл“ се соочуваат со критики за хостинг на апликацијата и се обвинети за олеснување на насилството врз жените и помагаат за „наметнување на полов апартхејд” со тоа што апликацијата е достапна на „Гугл плеј“ и „Апп стор“ на „Епл“.
Амнести интернешнал, Хјуман Рајтс Воч и активисти за правата на жените ги повикаа технолошките гиганти да го преразгледаат хостингот на апликацијата.
Хјуман Рајтс Воч изјави дека „Епл и Гугл имаат правила против апликациите што олеснуваат закани и малтретирање. Апликации како оваа може да го олесни кршењето на човековите права, вклучително и дискриминација на жените“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.