Ирачаните главно не поврзуваа со поранешна Југославија.
Но, во Вавилон, кога кажавме дека сме Македонци, луѓето нè допираа, сакаа да се сликаат со македонски воjници. Американците се сликаа со нас до тврдината што jа освоил Александар Македонски, до, како што велеа „вашата некогашна престолнина“, раскажува Хаџи Јанев .
„Одеднаш нè облеа топлината на пустинското сонце. Сè околу нас беше разурнато, а врелиот воздух беше тежок од мирисот на животни во распаѓање. Во авионот со часови размислувавме за секој детаљ на тоа што нè очекува, но штом стапнавме на почвата, сè заборавивме.“ Со ваков прв впечаток 38 македонски војници, од кои 28 припадници на специјалните сили „Волци“, на 6 јуни 2003 година ја почнаа првата борбена операција на АРМ надвор од македонска територија – операцијата „Слобода за Ирак“.
Но, шокот на армиските командоси не траел долго – до крајот на македонското учество во мисијата тие ќе заслужат 120 американски медали ва борбени заслуги и, што е најважно, сите живи и здрави ќе се вратат дома.Десет години подоцна, командантот на првиот контингент потполковник Методи Хаџи Јанев, тогаш капетан, раскажува за мисијата.
– Првата глетка на која наидовме беше американски камион што налетал на заседа. Сè Уште гореше, заедно со луѓето во него. По некои десетина километри налетавме на американска единица која возвраќаше на напад од една куќа. Но, моравме што побргу да се превеземе од аеродромот во Багдад до базата во Таџи и да „пролетаме“ покрај Американците – вели Хаџи Јанев, денес универзитетски професор, кој мина повеќе од 12 години во специјалните сили.
Домашните подготовки не излегуваат на теренМакедонија испрати свои трупи во Ирак веднаш по американската инвазија и Резолуцијата 1546 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Специјалните сили на АРМ беа дел од американската дивизија со матична база во Таџи. Првиот контингент служеше со 4. Пешадиска дивизија.
Во извештајот по првата ротација на американската дивизија стои: „непријателската активност во зоната на операции на 4. Пешадиска дивизија беше поголема отколку во која било друга област во земјата, поради големата концентрација на сунитски групи на отпорот, лојални на режимот на Садам Хусеин.Една и пол година по Рамковниот договор, првиот контингент на АРМ во Ирак мораше да го одрази новиот принцип на пропорционална застапеност на заедниците. Затоа, на тимот од 28 командоси му беа додадени и припадници на други единици на АРМ.
Покрај таа отстапка од стандардната процедура, војниците добија само три месеци за да се подготват за мисијата. Но, „волците“ велат дека и покрај тоа успеале да состават добар тим и да ги завршат сите подготовки. Вистинското изненадување дошло од друга страна – како што велат војниците, и најдобриот план се крши со првиот испукан куршум.
– Се подготвувавме ефективноста да ја мериме со број на неутрализирани борбени цели, на кршење врати и заробување луѓе. Но, во Ирак многу бргу моравме да научиме како да соработуваме со цивилите бидејќи веднаш сфативме дека целта не треба да биде да го уништиме системот, туку да го вратиме во нормала. Ако имате поголема соработка со населението, добивате навремено безбедносни информации бидејќи тие ги имаат информациите. Вие може да се занесувате дека имате информации – вели ирачкиот ветеран.Така македонските командоси почнале да се учат на стрпливост, соработка и дипломатија. Наместо во бројот на заробеници, успехот го броеле во бројот на луѓе чија доверба ја стекнале. Првично замислената операција на „директна акција“, за која биле дизајнирани подготовките, по третиот месец станала најспоредниот сегмент на задачите во Ирак, што го опфатиле целиот спектар специјални операции. „Волците“ учеле на терен, а првиот македонски борбен контингент немал туѓи грешки на кои би учел.– Таму првпат почнавме да работиме „меки упади“, првпат почнавме да работиме со локални сили, бевме тренери на ирачките специјални сили, научивме да работиме со нив, да ги инкорпорираме. Научивме дека треба многу добро да ја запознаеме културата на луѓето за да може да ги разбереме и нив, и средината во која оперираме – вели Хаџи Јанев.Тимот на „Волците“, нагласува неговиот командант, успеал и да го премести фокусот на операцијата, но и многу брзо да ги „стави во колосек“ останатите членови на контингентот, кои се вклопиле во мисијата и почнале да даваат резултати.„Волците“ како „зелени баретки“Само шест дена по пристигањето во Ирак, на 12 јуни „волците“ учествуваат во првата голема операција „Заливски удар“ западно и северно од Багдад, сè до Тикрит, каде што заробуваат тројца важни„опасни личности“.Набрзо, и високите офицери од 4.
Пешадиска дивизија увиделе колкав е квалитетот на специјалците од земјата чиј вкупен број вооружени сили е колку американската единица. „Волците“ самостојно си ги одредуваат мисиите, а Американците им ги ставаат на располагање сите расположливи капацитети: од оклопни возила за заштита, хеликоптери за транспорт и огнена поддршка, артилерија и авиони за воздушни напади…– Дури, немаа проблем да ни дадат и радиооператори, што е исклучителна отстапка, бидејќи системот на кодови во врските е строго чувана тајна. Не ни дадоа радиоуред, но ни дадоа радио-оператот и офицер кој постојано беше со нас, што помогна и во надминување на правните бариери – вели командантот на првиот контингент во Ирак.
По првите неколку месеци, „волците“ добија задача да ги обучуваат ирачките специјални сили, но и да организираат обука за урбано војување, тактика на мали единици и борбени вештини за американски единици. За статусот на првиот контингент „волци“, покрај американските медали кои им ги врачи лично тогашниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, зборува и еден друг, ретко забележан детаљ, во моментот кога слетаа на скопскиот аеродром, по ротацијата во Ирак, командосите на униформите носеа американски ознаки за специјални сили – истите ознаки кои ги носат „зелените баретки“.Репутацијата значела и голем ангажман – „волците“ за шест месеци имале повеќе од 340 мисии, од снајперски мисии, заседи, рации, до операции кои бараат продолжен престој на терен.– Ќе отидевме на мисии по 15 дена, поради тајноста на мисијата ќе замрзневме во некој пустински дел. Дел од тие операции сè уште се класифицирани, но, на пример, неколкупати имавме задача за обезбедување нафтени платформи, во времето кога остатоците од Садамовиот режим почнаа да ги палат зашто беа оценети како критична, стратешка инфраструктура. Американците проценија дека редовната војска нема капацитети сама да го направи тоа, во 2-3 наврати бевме испратени како засилување. Наша задача беше од таму да вршиме истурени патроли. Поради нашата мобилност и елементот на изненадување, кои ни беа принцип на дејствување, најдовме и заробивме неколку „лоши момци“ – раскажува ветеранот.Во текот на разговорот, офицерот со повеќе од 12 години искуство во специјалните сили, речиси да не изустува реченица во која не истакнува дека секоја операција во Ирак е резултат на целиот тим на „волците“ и на исклучителните професионални квалитети на секој од нив.
Избегнувавме оклопни возилаНо, репутацијата на македонските специјалци многу брзо по нивното доаѓање се проширила далеку надвор од заштитните насипи на базата во Таџи. Околу месец и пол по пристигањето на контингентот, разузнавачите од 4.Пешадиска дивизија добиле информација дека „лошите момци“ веќе ги познаваат македонските војници.– Почнавме да даваме резултати, успеавме во неколку наврати да заробиме „сили што не соодветствуваат со системот“. Тогаш стигна разузнавачки податок од информатор дека се испитува кои се „се војниците со сонцето“ кои не се Американци. По тоа наредив да се тргнат знамињата од возилата. Го спуштивме и знамето на базата бидејќи беше добар репер за гаѓање од дистанца – раскажува Хаџи Јанев.Реномето на „војниците со сонцето“ било потврдено и со застрашувачки податок – терористите распишале награда за нивните глави. Kомандантот вели дека тоа е еден од моментите во шестмесечната мисија, каде што секој ден е борба за живот, кој најмногу го загрижил.– Особено опасно беше и во неколку наврати кога требаше да изведуваме операции надвор од зоната на одговорноста, на пример во Самара или во Вавилон, во периодот кога почнаа сериозно организираните заседи, не само со импровизирани експлозивни направи, и кога требаше сериозно да дебатираме дали ќе бараме смена на возилата или ќе го задржиме курсот на лесни возила, подвижни, со голема маневрибилност за сметка на оклопот – вели командантот. „Волците“ во Ирак употребуваа теренски возила „хамви“, без оклопна заштита, но со голема мобилност и брзина. Иако голем дел од тимот сметал дека треба да се заменат со оклопни борбени возила, „волците“ сепак решиле да ги задржат, за да не ја изгубат најголемата предност – факторот на изненадување, брзина и мобилност.Операциите во Ирак неколкупати ги однеле македонските војници во Вавилон, што го инспирало капетан Хаџи Јанев по враќањето да ја напише книгата „Слобода за Ирак – патот за Вавилон“.
– Ирачаните главно нè поврзуваа со поранешна Југославија. Но, во Вавилон, кога кажавме дека сме Македонци, луѓето нè допираа, сакаа да се сликаат со македонски војници. Американците се сликаа со нас до тврдината што ја освоил Александар Македонски, пред, како што велеа „нашата некогашна престолнина“ – раскажува Хаџи Јанев.Во Ирак АРМ научи да учиОд медицински прегледи на локалното население, до координирање на здружени операции на авијација, оклопни единици, пешадија и артилерија, првиот контингент на „волците“ во Ирак многу работи мораше да направи за првпат. Привилегијата да бидат прва единица во борбена операција надвор од татковината на командосите им донесе и хендикеп да немаат претходник од чии грешки и искуство би можеле да учат.– АРМ денес е најискусна во регионот во учество во меѓународни операции. Но, во Ирак научи како да учествува во борбени операции кои не се само мировни, научи што значи да се биде дел од коалиција, промени принцип на донесување одлуки и успеа да го тестира, научи да го цени ефектот што единиците може да го постигнат на терен. Научи како да учи – заклучува денешниот потполковник.
Гледајќи на мисијата од дистанца од десет години, вели дека денес многу работи би направил поинаку и смета дека тогаш во одлуките го водела младоста. Најважната работа што тој ја научил е дека не е важно времето минато во некоја работа, туку посветеноста со која ~ се пристапува. Истиот принцип важи и за командување со тим врвно обучени професионалци, како што се „волците“.– Водството, лидерството на тие момци не може да им го наметнете со чинот. Во специјалните сили не добивате почит од војниците заради тоа што имате чин, туку заради тоа што ќе успеете да им докажете дека можете да им бидете водач. Тоа значи да пукаш добро како нив, да трчаш добро како нив, да се тепаш добро како нив… Но ќе мора да знаеш и да бидеш многу правичен, иако тоа е тешко, и да носиш одлуки што не секогаш ќе ти се допаѓаат. Најмногу од сè, мораш да знаеш да го почитуваш тимот и да знаеш да го истакнеш ефектот на секој од нив – вели Хаџи Јанев, кој и денес би отишол да предводи контингент од своите некогашни соборци.
Чекор до СадамМеѓу „лошите момци“ кои првиот контингент македонски командоси ги зароби во Ирак се и тројца од „шпилот карти“ на 55 најбарани Ирачани. Иако до денес не постојат официјални податоци за тоа, еден од заробениците на „волците“ е директната врска преку која е откриено скривалиштето на Садам Хусеин. Хаџи Јанев, како и сите „волци“, е многу воздржан кога зборува за оваа операција.– Станува збор за операција во која учествувавме за да го оствариме центарот на гравитација на мисијата. Нашата операција беше одлучувачка точка. По неа, Американците за многу краток период, 15-20 дена, успеаја да го постигнат центарот на гравитација – вели Хаџи Јанев.
Во воената терминологија, „центар на гравитација“ е клучната цел на секоја воена операција, критичната мисија за да се оствари целта на војната. Во Ирак, тоа беше неутрализирање на силите на режимот и фаќањето на Садам Хусеин.На 13 декември 2003 година, поддржувани од 4.Пешадиска бригада, американските специјални сили го заробија Садам Хусеин, поранешниот претседател на Ирак. Ротацијата на дивизијата заврши во пролетта 2004 година.
Ирачаните ни зборуваа српски„Волците“ имаат безброј приказни од операцијата во Ирак. За среќа, не сите се поврзани со заседи, куршуми и експлозии.– Беше забрането да се користи алкохол, но бидејќи му верував на тимот, исклучителни професионалци, знаевме понекогаш да купиме пиво на црниот пазар и да се почестиме. Kога ми се роди ќерката, ги викнав колегите, а на еден од нив му реков да оди под креветот и да донесе една од „бомбите“. Но, тој се враќа, а во рацете држи вистинска бомба. Така си доби прекар – раскажува командантот.Во времето на Движењето на неврзаните, Ирак имаше богата традиција на соработка со тогашна СФРЈ. Со тоа е поврзана една од најпознатите анегдоти на „волците“ во Ирак. Тим командоси спроведувал неколку заробени Ирачани, кога еден од нив спокојно почнал да се оддалечува од групата. Продолжувајќи шега со своите колеги, еден од „волците“ му се обратил на српскохрватски, фаќајќи го за рамо: „Ма где ќеш бре ти?“. Ирачанецот, спокоен, одговара: „Kод сестре.“ На подзинатите војници им раскажал дека бил воен пилот и студирал во Белград, каде што го научил јазикот.– Еднаш вршевме упад во објект и еден од колегите кој беше до мене едноставно исчезна. Се стаписав и почнав да се вртам наоколу, барајќи го. Одеднаш, слушам глас некаде одоздола. Погледнувам, а тој пропаднал до септичка јама, само очите му се гледаат – раскажува ветеранот.
Добиени 119 американски одликувања.АРМ учествуваше во операцијата „Слобода за Ирак“ од 6 јуни 2003 година до 31 декември 2008 година. Во 11 контингенти наизменично се заменуваа тимови на „волците“ и ренџерите. Во 2008 година на контингентите им беше додаден и по еден пешадиски вод, кој ја обезбедуваше базата во Таџи. Низ мисијата минаа вкупно 490 македонски војници.За борбени достигања, меѓу кои и спасување живот на коалициски војници, македонските војници добија 119 американски одликувања: осум „Бронзена ѕвезда“, 43 „армиски медали за достигања“ и 68 „армиски медали за заслуги“.Медалите на припадниците на првиот контингент им ги врачи лично американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, кој затоа допатува во Скопје.
превземено од Булевар
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.