Свекрвата заборавила дека и таа некогаш била снаа…

Мојата мајка е супер за сите, но 25 години во брак не беа доволни да ги задоволи високите стандарди на својата свекрва (моја баба) во поглед на кулинарството.
Мојата баба не е злонамерна кога ќе каже дека мајка ми не знае една пита да направи или дека гравот ѝ е сув, но кога дава свои рецепти, ги крие своите кулинарски тајни и сѐ кажува во шифри: „малку шеќер“, „тронка бибер“. Мојата мајка доаѓа од светот на природните науки каде мора за сѐ да имаш точна мерна единица или едноставно ништо нема да функционира. Но, залудно е, осудувањата на баба ми веќе и Бог не ги слуша. Ништо не можеше да ја омекне неконструктивната критика на баба ми. Но, мајка ми постојано ѝ простува, затоа што сепак таа е мајка на љубовта на нејзиниот живот.


А сепак, изгледа дека свекрвата навистина заборавила дека и таа некогаш била снаа. Но, изгледа дека бришењето на емпатијата од кујната на баба ми не е само ексклузивност на свекрвите. Ова веќе доаѓа како генерална карактеристика на човештвото. Да, не сакам да генерализирам, но, сепак мислам дека емпатијата, како основно разбирање на човекот во себе и надвор од себе, сосема залутала во непознати краишта.


Природна работа е да не се заморуваме многу за другиот човек, затоа што секој има доволно товар во овој живот. Ако емпатијата е витално човечна, исконски хумана, а ние ја отстрануваме или ја зачинуваме со трошка бибер или сол, што е тогаш човекот? Секако дека еден човек не може да ја вдишува и живее сета болка на овој свет, но може и да не заборави дека да се биде човек не е суштински дадена работа.
Да се биде човек е избор.
Избор кој почнува со ситни подароци на потесната фамилија и пошироката околина.
Избор кој треба да се практицира, како и во кујната, така и во јавниот градски превоз.
Избор, кој како и секој друг избор, знае да се одбие од глава, но во крајна линија, ја чува душата од пропаст.
Да се биде човек не е лесно и веројатно баш затоа не секој го прави изборот да биде човек.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.