Свети Георги, Ѓорѓи или Ѓорѓија, е роден во Кападокија и во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан. Кога овој цар започнал гонење на христијаните, Георги истапил пред него и одважно изјавил дека е христијанин, поради што царот го затворил, наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа наредил да го врзар на тркало под кое имало штици со големи клинци и така го вртеле. По ова го закопале во ров, така што надвор од земјата му била само главата и го оставиле во ровот три дена и три ноќи. Но при сите овие маки Георги непрестајно Го молел Бога и Бог веднаш го исцелувал и на големо одушевување на народот, го спасувал Својот маченик од смртта.
Кога Св. Георги воскреснал и еден мртовец, тогаш многумина ја примиле верата во Христа. Меѓу овие биле и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осудил Свети Георги и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивнала на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георги го убиле во 303 година.
Македонскиот народ со домашни служби го празнува празникот Свети Георги – Посен кој секогаш се празнува на 9 декември според новиот или на 26 ноември според стариот календар.
Кај постарите луѓе постои верување дека ако денес има магла и зимата ќе биде магловита и променлива, а ако е ведро, зимата ќе биде јака.