Свети Јован Златоуст: „Ништо на жената да не ѝ биде подрагоцено од мажот, ништо на мажот попосакувано од жената – Тоа го одржува во едно животот на сите нас “

„Ништо на жената да не ѝ биде подрагоцено од мажот, ништо на мажот попосакувано од жената. Тоа го одржува во едно животот на сите нас – согласувањето на жената со мажот; тоа го држи сиот свет. Зашто, како што кога се клати темелот се руши целата градба, така и кога во браковите има несогласување, целиот наш живот се превртува. Гледај: светот е составен од градови, градовите од домови, а домовите од мажи и жени. Ако се вовлече, значи, војна помеѓу мажите и жените, се вовлекла војната во домовите; а кога тие се потресени тогаш и градовите стануваат разбунтувани; кога, пак, се бунтуваат градовите, неминовно е и целата вселена да биде исполнета со метеж, војна и борба…

Значи, кога ќе видиш како те спопаѓа некоја потешкотија, било во бракот, или во другите нешта, повикај Го Бога. Тоа е единственото најдобро решение за стравотиите што ни се случуваат. Силно оружје е молитвата. Тоа сум го кажал повеќе пати, го велам и сега и нема да престанам да го велам: ако си грешник, гледај го митарот (цариникот) кој успеа, оној кој изми толку многу гревови [од себе]. Сакаш да научиш колку големо нешто е молитвата? Пријателството со Бога не успева да направи толку, колку молитвата. И не се ова мои зборови, зашто не би се осудил да објавам вакво нешто по сопствено мислење. Слушни од Писмото како она што не успеало да го оствари пријателството, успеала молитвата. Кој е оној од вас, кој има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: _’Пријателе, дај ми на заем три леба; зашто ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам‘. И ако оној одвнатре му одговори и рече: ’Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам да ти дадам‘,_ _ви велам дека, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе_ _стане заради неговата настојчивост и ќе му даде колку што му треба_ (Лука 11,5-8). Гледаш ли: она во што не успеало пријателството, успеало настојувањето. За да не помислиш дека оној кој барал бил пријател и поради тоа успеал, затоа вели: макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, сепак ќе стане заради неговата настојчивост.

Доколку пријателството, вели, не успева, настојувањето, сепак, го прави она што пријателството не можело. И каде се случи тоа? Кај митарот, бидејќи митарот не Му беше пријател на Бога, но Му постана пријател. Така што, макар и да Му си непријател, со упорно настојување ќе Му станеш пријател“.

~ *Свети Јован Златоуст*

Пронајдете не на следниве мрежи: