Светот му нуди помош на Бејрут, градот уништен како после војна

Врховниот либански совет за одбрана го прогласи градот Бејрут како област погодена од елементарна катастрофа и и предложи на Владата денеска да воведе вонредна состојба во либанската престолнина по вчерашната експлозија, се наведува во соопштение од Советот.
Во меѓувреме, високи официјални претставници од многу земји понудија хуманитарна и каква било друга помош на Либан во решавањето на катастрофата, во период кога земјата се справува и со пандемијата на коронавирусот и со економска криза.
Израелските министри за одбрана и за надворешни работи, Бени Ганц и Габи Ашкенази изјавија дека Израел преку меѓународни безбедносни и дипломатски канали и понуди медицинска и хуманитарна помош на либанската Влада.
Претходно, шефот на француската дипломатијата Жан-Ив ле Дријан на Твитер напиша дека „Франција секогаш е на страната на Либан и на либанскиот народ“.
Тој истакна дека Франција е подготвена да пружи помош во зависност од потребите на либанските власти.


Исто така и Грција и Кипар понудија помош доколку е потребно и изразија жалење и сочувство до Владата на Либан.
Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека земјата „е подготвена да им помогне на либанските власти со сите средства што ги има на располагање“, додека, пак, претседателот на Кипар Никос Анастасиадис преку официјалниот Твитер профил изрази подготвеност за каква било неопходна помош.
Египетските пирамиди и зградата Бурџ Калифа вчера беа обоени во боите на либанското знаме во знак на поддршка.
И иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф понуди помош за Либан.
– Нашите мисли и молитви се со големиот и силен народ на Либан, напиша Зариф на Твитер, додавајќи оти Иран „како и секогаш во целост е подготвен да ја пружи целата неопходната помош“.
Помош понуди и британскиот премиер Борис Џонсон кој изјави дека неговата земја е подготвена за пружи сета помош и поддршка за Мибан и Бејрут по експлозијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.