„Да не го објавеше СДСМ, Тошковски и натаму ќе го криеше скандалот со братот на градоначалникот на општина Гази Баба“, се вели во реакцијата на опозициската партија на вечерашната изјава за министерот за внатрешни работи.
„Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Борче Стефковски со видео докази, (Панче) Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае“, велат од „Бихаќка“.
Изјавата на министерот за внатрешни работи или признание околу случајот, како што го нарекуваат од Социјалдемократскиот сојуз, според партијата потврдило две работи.
„Прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Оттаму уште еднаш обвинија дека во Министерството за внатрешни работи под раководство на Тошковски владеат хаос и самоволие, кои, како што додаваат, допрва ќе излегуваат на виделина.
„Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка?“, прашуваат социјалдемократите еден ден пред гласањето за интерпелацијата на Тошковски во Собранието, поднесена од Левица.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски попладнево во изјава за ТВ Сител најави кривична одговорност за полицискиот службеник поради кого братот на градоначаланикот на општина Гази Баба не бил казнет поради возење над дозволената брзина, а санкцијата му била изречена на лице кое немало врска со настанот.
Според Тошковски, фактичката состојба што била утврдена од МВР во случајов е многу постаршна од она што било објавено од Социјалдемократскиот сојуз.
Министерот вели дека полицаецот направил две повреди на оперативните процедури и на законот, од кои едната ја оцени како поголема од другата.