Досега е потврдено дека носител на листа во Првата изборна единица ќе биде Ковачевски, а ко-носител Моника Зајкова од ЛДП, како и дека во една од изборните единици носителка ќе биде потпретседателката на партијата Сања Лукаревска
Партијата СДСМ денеска на седници на Централниот и на Извршниот комитет, а потоа и на Конгрес на партијата најави дека ќе ги официјализира носителите на кандидатските листи за парламентарните избори. Пред делегатите ќе биде презентирана и програмата за претстојните избори.
На почетокот на 28. Конгрес на СДСМ на отворениот дел ќе се обрати лидерот Димитар Ковачевски, по што следува работниот дел. Досега е потврдено дека носител на листа во Првата изборна единица ќе биде Ковачевски, а ко-носител Моника Зајкова од ЛДП, како и дека во една од изборните единици носителка ќе биде потпретседателката на партијата Сања Лукаревска.
ВМРО-ДПМНЕ пак, утре ќе ја промовира изборната програма. Партијата веќе ги комплетираше имињата на носителите на листите. Како што потврди вчера Александар Николоски, генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски ќе биде носител во ИЕ5, со што се комплетира листата на носители.
Во Првата изборна единица носител ќе биде лидерот Христијан Мицкоски, во ИЕ2 потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во ИЕ3 Драган Ковачки, во ИЕ4 потпретседателот Александар Николовски, а во ИЕ6 Дафина Стојановска.
Според Антонијо Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прошири коалицијата со уште седум политички партии: Социјалдемократската унија, Обединетата партија за целосна еманципација на Ромите, Македонски концепт, Демократскиот сојуз, Обединети за Македонија, ТМРО и Достоинство. За два-три дена рече дека очекуваат одлука од уште една политичка партија.
Викендов, предизборни промотивни активности ќе има и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кое утре во СРЦ Кале ќе ги претстави кандидатите за носители на листи за пратеници во шесте изборни единици за парламентарните избори.
Активности ќе има и претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари, кој организира трибина за иселувањето на младите во Тетово, на која ги покани и другите претседателски кандидати.
Државната изборна комисија завчера ги потврди кандидатурите на седуммината кандидати за претседател на државата. Потврдени се кандидатурите на Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Стевче Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска Цветковска од Левица и Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди.
Првиот круг претседателски избори е закажан за 24.април.