СДСМ денеска одржа прес-конференција на која портпаролката Богданка Кузеска остро реагираше на, како што рече, притисоци врз младите кои бараат правда за трагедијата во Кочани, наместо одговорност за институционалните пропусти.
„Изминаа четири недели од трагедијата во дискотеката ‘Пулс’, а истрагата сè уште не дава одговори на клучните прашања – кој е одговорен за пожарот и за безбедносните пропусти?“, изјави Кузеска.
Таа нагласи дека и по речиси еден месец, ниту еден функционер од МВР, од ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ не е повикан на распит или опфатен со постапка. Наместо тоа, Министерството за внатрешни работи, според неа, води постапки против граѓани поради статуси на Фејсбук и учество во протести.
„Дури и младите кои протестираа во Кочани, изразувајќи револт за загубените животи на своите другари и другарки, добиле кривични пријави. Ова ли е правдата?“, праша таа.
СДСМ побара итен прекин на ваквите, како што ги нарече, притисоци врз граѓаните кои бараат одговорност. „Младите не се непријатели – тие се совеста на ова општество“, порача Кузеска и додаде дека слободата на говор не смее да биде мета на репресија.
Партијата побара вклучување на Хелсиншкиот комитет и други организации за човекови права, апелирајќи за јасна и неселективна истрага. „Граѓаните заслужуваат вистина и правда – не молк и страв“, рече Кузеска.