СДСМ преку соопштение утринава истакна дека ќе стори се за Македонија да го продолжи европскиот пат и да ја исполни стратешката цел членство во ЕУ до 2030 година.
-Можеме во тоа да успееме. До 2030 година да стоиме рамо до рамо со своите европски партнерски земји како рамноправна членка на Европската Унија. ЕУ е нашата единствена алтернатива, а визијата на СДСМ за просперитетна земја обединета со Европа отсекогаш била во суштината на партиското делување. Членството во ЕУ значи интегрирање на признаениот македонски идентитет, јазик и култура во богатиот европски мозаик, порачуваат од СДСМ.
Партијата порачува дека ново вето нема да има, за што, како што вели, потврда има од сите релевентни меѓународни фактори.
-Сега е време за одлука и реализација на уставните измени. СДСМ ќе направи сè и ги повикува сите релевенатни политички партии да се приклучат на процесот. Заедно да изградиме иднина каде што нашите млади ќе можат да ги остварат своите соништа, каде што нашата економија напредува и каде што нашите демократски вредности јакнат, потенцираат од владеачката партија.
Вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ вчера најави дека кога земјата ќе биде дел од ЕУ, може да се вратат сите странски пасоши кои граѓаните досега ги земале.
-Нашата визија е дента 2030 година кога ќе станеме членка на Европската Унија да ги собереме сите туѓи пасоши коишто нашите граѓани ги земале додека сме чекале во чекалната на ЕУ, и да ги одмесеме во Амбасадите на државите и да кажеме: Благодариме соседи или подалечни соседи, ние ви ги враќаме овие пасоши, не ни требаат затоа што нашиот дом стана Европска Унија и затоа што Македонија стана членка на Европска Унија, рече Маричиќ, на трибината насловена “МК во ЕУ до 2030”.