Од СДСМ и денеска излегоа со повик до Владата доколку е подготвена за предвремени парламентарни избори да го направат тој чекор, а од Владата одговорија дека предвремените избори се дополнителен трошок.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција во седиштето на партијата повтори дека се подготвени за избори.
– Мицкоски во изминатите денови гледаме дека излегува со различни изјави. Еднаш повика на предвремени избори, вчера гледаме еден вид на ретерирање од таа изјава. Ние сме подготвени за избори, доколку и власта е спремна за тоа, нека го направат тие тој чекор, рече Кузеска.
Од Владата денеска го потврдија ставот што вчера го изнесе премиерот Христијан Мицкоски дека во дадениот момент предвремените парламентарни избори се трошок за државата.
– Владата останува на ставот дека не треба да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври идната година, истакна портпаролката на Владата Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Премиерот Мицкоски во изјава за медиумите дадена вчера во Скопје рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да оди на избори, но дека прашањето е дали е потребно да се потрошат дополнителни 10 милиони евра за избори, пари на граѓаните. Посочи дека во тој период ќе застане системот, нема да се испорачуваат реформи, за да, како што посочи, „уште еднаш СДСМ се соочи со уште еден голем пораз“.
– Овој пат мислам дека ќе биде поголем од тој што го имаа пред шест месеци. Или да избереме опција да работиме четири години и да ги засукаме ракавите за доброто на граѓаните. Јас би ја избрал втората опција. Затоа реков мандатот на оваа Влада на граѓаните што го доби е четири години. Дали сме подготвени? Утре да одиме, подготвени сме, нема тоа никаков проблем. Но, ние носиме одлуки што се во интерес на граѓаните, не во интерес на љубители на естрада, рече Мицкоски.
Според него, локалните избори што треба да се одржат следната година, се можност партиите да видат каква доверба имаат кај граѓаните. На опозициските партии им порача програмски и кадровски да се освежат.
Прашањето за предвремени парламентарни избори се отвори на првата собраниска седница посветена на пратенички прашања кога како одговор на лидерот на СДСМ Венко Филипче, премиерот Мицкоски рече дека може да одат на избори, но да не се покајат од СДСМ за тоа.
– Ако сакате да одиме на избори, да се провериме. Заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но да не се удавите во длабокото, каде што ве носат, рече Мицкоски откако лидерот на СДСМ од собраниската говорница го повика да го врати мандатот.