СДСМ утре ќе бара надзорна расправа и анкетна комисија за Кочани

Пратениците од СДСМ утре во Собранието ќе поднесат предлог за надзорна расправа и за формирање на Анкетна комисија за испитување на трагедијата во Кочани.

Претседателот на СДСм Венко Филипче вечерва во објава на Фејсбук напиша дека ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“.

– На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија. Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание, напиша Филипче.

И Јована Мојсоска од „Левица“ денеска во објава на Фејсбук напиша дека власта е на потег и дека надзорна расправа и анкетна косисија за Кочани мора да има.

– Власта е на потег… Надзорна расправа за трагедијата во Кочани мора да се одржи, а тоа го ветуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во сите нивни изјави и медиумски настапи пред неколку месеци, пратениците од власта тврдеа дека надзорна расправа ќе има штом се поднесе обвинителниот акт (наводно за да не се попречува истрагата), напиша Мојсоска.

Премиерот Христијан Мицкоски топката ја префрли кај пратениците.

– Што се однесува за поддршката за анкетна комисија, тоа прашање мислам дека добро е да им го поставите на пратениците. Мислам дека ваков тип на соочување со јавноста многу скоро ќе биде кога ќе почне процесот во суд така што таму ќе може сите, и граѓаните и јавноста и вие медиумите, што се се случувало, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи барањето на роднините на загинатите во пожарот.

Пронајдете не на следниве мрежи: