„СДСМ како партија е подготвена, и јас лично сум подготвен и решен да ја внесам Северна Македонија во ЕУ до 2030 година, тоа е нашата цел која имаме должност да ја исполниме – амбициозна, но реална и остварлива“, вели Ковачевски
Кога социјалдемократите се на власт споровите се решаваат, а земјата оди напред, истакнал претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во обраќањето на работната сесија „Решенија за подобар квалитет на живот“, одржана во Рим во рамките на изборниот конгрес на Партијата на европските социјалисти – ПЕС 2024.
Ковачевски во своето излагање, како што се наведува во соопштението на партијата, зборувал за прогресивните политики на СДСМ во контекст на европските интеграции и состојбите во општеството.
„Ние, социјалдемократите, го решивме спорот со Грција. Ние, социјалдемократите, ја придвиживме земјата кон полноправно членство во НАТО. Ние социјалдемократите ги започнавме пристапните преговори со ЕУ по 17 години чекање. Владата на СДСМ успеа тројно да ја зголеми минималната плата, да ја удвои просечната плата, да ги зголеми пензиите за 50 отсто, да ја намали невработеноста за 50 отсто“,
рекол Ковачевски.
Говорејќи за економските и социјалните политики лидерот на СДСМ посочил дека во овој период странските директни инвестици се зголемени за 100 отсто, невработеноста кај младите е намалена за 50 отсто, а социјалната помош за ранлиците категории е зголемена за 300 отсто.
„Ја вративме демократијата и ја вративме слободата на медиумите“,
потенцирал Ковачевски.
Тој се осврнал и на претстојните претседателски и парламентарни избори во земјава, посочувајќи дека тие ќе бидат тест за правецот во кој ќе се движи држвата, но и за Европската Унија. Лидерот на СДСМ изразил увереност дека партијата со која раководи ќе биде победник на изборите, а Северна Македонија до 2030 година ќе биде членка на Европската Унија.
„Ние ќе победиме! Ќе победиме на претседателските избори и ќе победиме на парламентарните избори, а Северна Македонија, до 2030 година ќе биде европска Македонија“,
рекол Ковачевски.
Со СДСМ, посочил тој, иднината на земјава е предвидлива, стабилна и демократска, а патот води кон членство во Европската Унија.
„Треба да покажеме дека солидарноста, решавањето спорови, поддршката на демократските реформи, правењето економски реформи се исплати и сигурен сум дека со прогресивците во ЕУ, заедно со прогресивците на Балканот и со прогресивците во Северна Македонија заедно ќе понудиме надеж, ќе понудиме напорна работа, ќе понудиме напредок, ќе понудиме солидарност, и ќе победиме“,
посочил Ковачевски во излагањето.
Лидерот на СДСМ во видео-изјава ги сумираше впечатоците и заклучоците од работната посета на Рим, на покана на претседателот на Партијата на европските социјалисти, Стефан Лофвен.
Во изјавата тој се осврнува на конгресот на ПЕС на кој, како што вели биле дискутирани политиките со кои партиите на европските социјалисти ќе настапат на изборите за Европскиот парламент што треба да се одржат во јуни годинава.
„Конгресот на кој присуствуваа претседателите на европските социјал-демократски партии беше одлична можност да се слушнат и дискутираат политиките на партиите на еворпските социјалисти, како најголема прогресивна сила во Европа а со кои ќе настапат на следните избори. Јасна беше и пораката дека целта е слободна фер и безбедна демократска Европа, со гарантирани права за сите“,
вели Ковачевски.
Исходот од европските избори, посочува, е важен и за нас како држава во однос на поддршката за започнатиот европски процес на земјава, бидејќи, како што додава, Северна Македонија нема друга алтернатива освен интеграција во ЕУ.
Овој став го пренел и во неговото денешно обраќање на Конгресот на партијата.
„Другиот пат што го предлага опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ н.з.) е сосема спротивно на се ова, тоа е изолација, стагнација, враќање назад во едно мрачно време на национализам, поларизација и дезинтеграција“,
вели Ковачевски.
За време на своето присуство на настаните во рамките на конгресот на ПЕС во Рим Ковачевски се сретнал со германскиот канцелар Олаф Шолц, со премиерката на Данска, Мете Фредериксен, како и со премиерот на Шпанија, Педро Санчез. Разговарале за актуелните политички состојби во Северна Македонија и за претстојните избори.
„Заклучокот од средбите со Шолц, Фредериксен и Санчез, е дека Северна Македонија треба да го продолжи европскиот пат, бидејќи забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност и на нашата држава и на целиот регион. СДСМ како партија е подготвена, и јас лично сум подготвен и решен да ја внесам Северна Македонија во ЕУ до 2030 година, тоа е нашата цел која имаме должност да ја исполниме – амбициозна, но реална и остварлива“,
вели Ковачевски.