Општата болница со проширена дејност Дебар, од денеска има нов директор, дознава „Слободен печат“. Досегашната директорка на болницата педијатарката Севдије Коџа е разрешена од функцијата директорка на дебарската болница, откако во суд признала вина дека со фалсификуван сертификат по англиски јазик од правниот субјект „Јулија Цо. ЛТД“ Пловдив Бугарија, дошла на позицијата, односно аплицирала на јавниот повик за директорското место во болницата.
Нов директор на Општата болница Дебар од денеска е Мерсим Колечи. „Слободен печат“ стапи во контакт со Колечи кој ни потврди дека во петокот од Министерството за здравство телефонски го информирале за неговото назначување, а очекува официјално решение да добие деновиве.
Инаку, разрешувањето на Севдије Коџа доаѓа откако со признание на вина, таа е осудена на условна казна за фалсификување исправа – сертификат по англиски јазик, неопходен законски услов за директорската функција.
Признавам дека беше грешка. Не бев свесна за таа грешка затоа што од мене се бараше да бидам шест месеци в.д. директор на Општата Болница Дебар. Се каам за стореното и нема да ми се повтори, рекла таа во скопскиот кривичен суд кога признала вина за фалсификување исправа.
Пресудата дека е виновна за фалсификување исправа е донесена на 4 октомври годинава. Во пресудата се објавува дека е огласена за виновна со признание на вина, затоа што на 14.07.2023 година употребила како вистинска лажна исправа, сертификат за познавање англиски јазик од училиште за јазици ЈУЛИЈА ЦО. ЛТД од Пловдив, Бугарија и ETS TOEFL iBT test taker score report од 26.11.2022 година, иако такви исправи не биле издадени, на начин што како доказ дека има познавање на англиски јазик и поседува сертификат TOEFL iBT ги употребила при нејзиното аплицирање на Конкурс за именување на директор на Општа болница со проширена дејност Дебар од 29.06.2023 година, коешто било еден од условите за избор на конкурсот по што истата била именувана за директорка со решение од Министерството за здравство од 11.09.2023 година.
Истиот ден, на 4 октомври заедно со директорката на дебарската болница, вина за фалсификување на ист ваков сертификат по англиски, признала уште една поранешна директорка на училиште во скопската населба Драчево, Т.К.
„Се каам искрено и го носам како товар, бидејќи никогаш претходно не сум направила штета на никого“, изјавила таа пред судот.
Ваквите фалсификувани сертификати деновиве се предмет на голем интерес од јавноста. Двете осудени директорки не се единствените што имале сертификат за познавање англиски на кој се појавувало името на правниот субјект Julia Co. LTD.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, кога аплицирал за избор на асистент на Факултетот за безбедност, исто така приложил диплома за положен ТОЕФЛ од правен субјект Julia Co. LTD. Не е проверено дали се работи за истата фирма од Пловдив или за друга.
Од пресудата на двете директорки до која дојде Слободен печат, е евидентно дека судот не се занимавал со тоа од каде на две различни директорки во два различни градови Скопје и Дебар, сертификатите им биле фалсификувани баш со злоупотреба на името на една фирма оддалечена стотици километри од Македонија, во соседна Бугарија. Дали во Македонија има мрежа за издавање вакви лажни сертификати за ТОЕФЛ со цел именувани лица формално правно да ја задоволат законската обврска да приложат уверение за познавање англиски јазик, е прашање на кое оваа пресуда не дава одговор.