Република Северна Македонија веќе го има и во пасошите. Почна ставањето на печатот со новото име на државата во патните исправи. Согласно обврските од договорот од Преспа при секој излез од државата на граничните премини ќе се става печат со новото уставно име. Мерката која е дел од планот на меѓу ресорската работна група задолжена за спроведување на обврските од договорот почна да се применува од вчера во доцните попладневни часови. Се работи за решение во преодниот период додека не почне издавањето на новите пасоши кое е најавено од крајот на 2019 година.
Во преодниот период МВР при излез на граничните премини во постојните или новоиздадените патни исправи ќе става печат, што ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.
Пред два дена токму граничните премини со Република Грција беа првите на кои се направи замена на старите табли со нови на кои стои името Република Северна Македонија.
Новото име на нашата држава наскоро ќе стои и на грчка територија. Според информациите од тамошните власти признавањето на Република Северна Македонија од нивна страна ќе се одрази и во секое понатамошно споменување на државата вклучувајќи ги и таблите на кои до сега стоеше ФИРОМ или Скопје. Според најавите, грчкото МНР во следните денови ќе испрати циркуларно писмо до јавната администрација со кое ќе се информираат за промената на името Северна Македонија, а со тоа и за потребата од промена на таблите.
Во меѓувреме, Грција и официјално почна да го користи и терминот македонски јазик. Првата употреба на овој термин е во нивниот службен весник . Во него во оглас на грчкото министерство за цивилна заштита се бараат лица со познавање на македонски јазик за вработување во националната агенција за разузнавање. Во објавениот оглас во делот каде се наведени јазиците кои треба да ги познаваат кандидатите во заграда кај македонскиот стои и ,, јужнословенски,, .