Фестивалот “Литера” свечено беше отворен синоќа во историскиот Сули Ан, лоциран во живописната стара чаршија на Скопје, означувајќи го почетокот на своето седмо издание. Атмосферата исполнета со културно наследство, блескотот на фенерите, радоста и возбуда среде насобраните гости создадоа магичен амбиент кој го најави почетокот на оваа значајна литературна манифестација. На првиот ден од фестивалот беа одржани две значајни изложби, кои го истакнаа богатството и разновидноста на македонската илустративна сцена. Посебно внимание привлече ретроспективната изложба на признатиот македонски уметник Орде Манески, што за првпат е претставена со посебна поставка на негови илустрации. Оваа изложба е вистинско и вредно сведоштво за посебен уметнички свет насликан со внимателност, поетика и насоченост кон детската перцепција.
Урош Вељковиќ, еден од организаторите, истакна во своето обраќање дека освен идејата за „Литера“, особено е среќен што фестивалот се одржува на место кое кај него, а сигурно и кај неговите колеги уметници, предизвикува подредени спомени од студентските денови. Присутен на настанот беше и синот на Орде Манески, Томе Манески, кој го нагласи влијанието на делото на неговиот татко во македонската илустрација и детска литература, додавајќи дека неговото присуство во светот на уметноста е директно благодарение на татко му.
Деканката на Факултетот за ликовни уметности, проф. д-р. Славица Јанешлиева, исто така се обрати на отворањето, истакнувајќи ја важноста на соработката со фестивал како „Литера“ кој од година на година го подигнува нивото на илустрацијата и литературата за деца. Радува фактот дека оваа година фестивалското издание е посветено на македонската уметност и нејзините автори, од кои многумина се поранешни студенти и колеги од факултетот.
Софија Семенпеева, иницијатор и организатор на фестивалот, на отворањето ја сподели историјата на идејата за “Литера”, кој започна уште во 2003 година. Таа потенцира дека токму во овој простор почнале нивните први чекори во светот на илустрацијата заедно со сегашните колеги кои активно учествуваат во организацијата. Поттикнатите млади илустратори ги охрабри да вложат во своето образование, бидејќи тоа ќе ги направи квалитетни уметници.
Покрај ова, беше претставена и изложба на дела од современи македонски авторки и илустраторки како Софија Семенпеева Трајановска, Иванка НиБа и Анастасија Јованова. Преку своите дела, тие го нудат новиот и свеж визуелен пристап кон детската литература, потенцирајќи го важноста на играта, истражувањето и емоционалниот развој.
Гостите на отворањето имаа прилика да се запознаат со авторките, да ги разгледаат изложбите и да се понесат од инспирацијата на овој значаен културен настан, кој со својата мисија продолжува да ја развива и поттикнува визуелната култура. Фестивалот “Литера” продолжува и во наредните два дена со бројни работилници, промоции и креативни активности, додека вратите на Сули Ан остануваат отворени за сите љубители на уметноста.
The post Седмо издание на фестивалот „Литера“ започна во Сули Ан со две изложби appeared first on 365.mk.