Пред седумнаесет години на денешен ден е потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во Република Македонија во 2001 година.
Преговорите почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Охридскиот договор ја ужива поддршката од Меѓународната заедница и од поголем дел од партиите од македонскиот и албанскиот политички блок, како единствена рамка за развој на државата.
Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.
Собранието на Република Македонија во март годинава со 64 гласа „за“, без против и воздржани го донесе и Законот за јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници кои со 24 гласа го донесоа Законот.
Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).
Законот се уште не е објавен во Службен весник.