Според Зијадин Села, партијата се занимава со печати и со двојни конгреси наместо со политичката ситуација во земјата
Алијансата за Албанците треба сама да настапи на претстојните парламентарни избори, рече Зијадин Села од АА на вечерашното гостување во „24 анализа“ на ТВ 24.
Според Села политички потези не се носат со тоа што било во минатото, туку, како што вели со алатките што ги имаш во моментот. Тој потврдува дека во партијата имаат одлука да одат самостојно на избори, но не ја исклучува можноста и за коалицирање.
„Вистина е дека ние имаме одлука да одиме самостојно на изборите. Тоа ќе биде тема на дебата и преговори што ќе се случуваат во овој период. Што ќе добиеме и како ќе настапуваме на изборите истата одлука ќе се донесе на централното собрание кој е единствен орган што може да одлучува спротивно на тоа што е одлучено во централното претседателство. Ако има политички актери ќе има преговори. Опциите се отворени имајќи предвид во каква ситуација не донесе Таравари. Мислам дека структурите на Алијанса за Албанците треба сериозно да седнат да размислуваат и да повлечеме потег кој ќе биде за доброто на партијата“,
рече Села во телевизиското интервју.
Села вели дека Арбен Таравари работи на уништување на АА и се користи како марионета на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стојам на ставот дека треба сами да одиме на избори и сум против самоволието во една партија. Нема да дозволам тоа да се случи во моментот кога јас сум претседател на Алијанса. Чинителот кој доведе до таква ситуација во Тетово е Таравари. Кога делуваш политички по наредби, не може да се спречи разединување и тој работи на уништување на Алијансата. Најважно беше партијата да биде соединета“,
рече Села.
Во наредниот период, Села рече оти ќе се разјаснат многу работи и додаде дека Алијанса за Албанците се враќа на патот.
На прашањето дали има дадено потпис за претседателскиот кандидат на ДУИ или за Таравари, Села рече дека не се потпишал за ниту еден кандидат.
„Таравари ќе ја имаше мојата целосна поддршка ако излезеше како кандидат на Алијанса. Од моментот кога дезертираше, тој не е кандидат на Алијанса. Нема право да свика централно собрание. Во последниот разговор преку пораки го повикав на Централно собрание, а тоа направи паралелизам. Да ја шверцуваш партијата за нечии интереси не му наликува на човек кој се нарекува претседател на партија. Мојот совет е да не се ставаш претседател над својата глава, зошто стануваш вазал“,
рече Села.
Додека Таравари бил претседател, Алијанса за Албанците Села вели дека секој ја водел.
„Сега, партијата ќе се води од членството на Алијанса. Беше неопходно јас да се вратам“,
додаде Села.
Според него, Тарвари ја оставил партијата да се занимава со разни теми и не овозможил, како што рече, да се занимаваме со тоа што е актуелно.
„Ние се занимаваме со печати, на кого припаѓа партијата и со двојни конгреси. Тие не се од легалните структури на партијата, туку се направени од страна на Таравари, без да припази на тоа што го пишува во статусот на партијата. Како резултат на сето ова бевме во дебата како да се однесуваме како политичка партија и не сакавме да придонесеме во креирање на ситуација која ќе ја комплицира политичката ситуација по изборите. Се знаат предизвиците кои не очекуваат. Ние сме во еден пат за членство во ЕУ и за тоа предуслов се уставните измени и ќе бевме во посигурна ситуација ако влегуваме во избори со променет устав. Требаше да се држат некои баланси во политиката. Не ни треба апсолутен победник на ниедна страна бидејќи кога нештата се апсолутни нема компромиси, а кога нема компромиси може некои процеси да застанат и да не чекориме кон иднината, туку да се вратиме назад“,
додаде Села.