Семејството на Оливер Драгојевиќ им се обрати на сите оние кои се обидуваат да заработат злоупотребувајќи го името на хрватската музичка легенда.
– Семејството на Оливер Драгојевиќ со ова се обраќа до јавноста, како и до сите кои во негова чест сакаат да организираат какви било настани во негово име и уметничкото творештво да го користат за свои цели. Законот за заштита на личните податоци на Европската унија го штити поединецот во врска со слободниот пренос на такви податоци и секое неовластено користење и обработка на личните податоци се смета за противправно, се вели во соопштението објавено и на Фејсбук.
Посебно се нагласува тенденцијата за користење на името на Драгојевиќ во комерцијални цели.
– Љубезно ве замолуваме личните податоци на господин Оливер Драгојевиќ, посебно неговото име, да не го користите за промоција, маркетинг, концерти, приредби и слични настани, без претходно писмено одобрение од неговото семејство, бидејќи уметничката вредност на неговото име е и неизоставен дел, како од нас самите, така и од севкупното хрватско музичко наследство, се додава во објавата.