Скопје и Куманово се во завршна фаза на подготовките за престојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Македонија. Како дел од традиционалните активности пред ваков значаен настан, на 9 и 10 април во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје ќе се одржи Chefs de Mission семинарот. На оваа средба, претставници од 49 делегации ќе добијат можност темелно да се запознаат со градовите-домаќини, спортските објекти и организациската поставеност. Според Александар Богоевски, Извршен директор за ЕМОФ Скопје 2025, “семинарот е од суштинска важност за успешна организација на фестивалот. Ќе ни овозможи да ги претставиме сите аспекти и да размениме искуства со делегациите што ќе земат учество на ЕМОФ Скопје 2025. Нашата цел е да овозможиме врвна организација и гостопримство, а за Скопје и Куманово ова е можност да демонстрираат дека се подготвени за настаните од ваков обем и значење. Воедно, докажува дека љубовта кон Македонија и спортот може да ги надмине секојдневните општествени и политички разлики.”
Како дел од подготовките, Скопје ќе биде домаќин на настанот „100 дена до ЕМОФ“, што ќе се одржи на 12 април 2025 година во Ист Гејт Мол. Овој настан не само што ќе пружи спортско-забавна програма, вклучувајќи турнири 3х3 баскет и интерактивни активности, туку исто така ќе обезбеди поддршка за семејствата погодени од трагичниот настан во Кочани. Летово, ЕМОФ Скопје 2025 ќе собере повеќе од 4.000 учесници, вклучувајќи 900 волонтери, кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови. Игрите ќе се одржат во дисциплини како атлетика, кану слалом, ракомет и одбојка. Главните натпревари ќе се одвиваат во Скопје, додека Куманово ќе пречека велосипедисти и кошаркари. Исто така, ритмичката гимнастика ќе се одржи во Осиек.
Организацискиот комитет ги повикува граѓаните и особено младите да се приклучат на „100 дена до ЕМОФ“ и да ја почувствуваат енергијата на овој извореден спортски настан. ЕМОФ Скопје 2025 е не само натпреварување, туку и симбол на единство, младинска енергија и спортски дух.
The post Семинар и Одбројување до ЕМОФ Скопје 2025 appeared first on 365.mk.