Сестрата на Ким Џонг-ун им порача на САД: Нашиот нуклеарен арсенал само ќе расте

Ким Јо-џонг, влијателна сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и висок функционер на владејачката партија, го нарече притисокот на САД за денуклеаризација на Северна Кореја „анахронистички сон“.

Таа јасно стави до знаење дека Пјонгјанг ќе продолжи постепено да го проширувасвојот нуклеарен арсенал наспроти заканите предводени од Соединетите Американски Држави (САД).

Острата изјава доаѓа само еден ден пред кинескиот претседател Си Џинпинг да ја започне својата официјална посета на Северна Кореја, каде што ќе разговара со Ким Џонг-ун.

Ова е прва посета на кинески лидер на Пјонгјанг по седум години.

„Американското тврдење со кое се омаловажува статусот на Северна Кореја како држава со нуклеарно оружје нема правно обврзувачка сила и никој нема да биде обврзан од едностраната реторика на Вашингтон“, рече Ким Јо-јонг.

Сестрата на севернокорејскиот лидер ја отфрли како „лажна информација“ официјалната изјава на САД дека претседателот Доналд Трамп и Си Џинпинг ја потврдиле својата заедничка цел – целосна денуклеаризација на Северна Кореја – на самитот минатиот месец во Пекинг.

„Некои функционери во САД очигледно сè уште не успеале да се разбудат од својот анахронистички сон“, додаде таа, нагласувајќи дека политиката на постојано зајакнување на нуклеарното одвраќање за самоодбрана е всушност „неповратен конечен заклучок што мора да се спроведе безусловно“.

Северна Кореја интензивно се фокусираше на проширување на својата нуклеарна програма откако дипломатскиот договор меѓу Ким Џонг-ун и Доналд Трамп пропадна во 2019 година.

Аналитичарите истакнуваат дека Пјонгјанг сака меѓународно признание како нуклеарна сила, за да може од таа позиција да бара укинување на острите економски санкции.

Ким Јо-џонг е помладата сестра на Ким Џонг-ун и единствениот член на семејството за кој е сигурно познато дека има директно, секојдневно влијание врз лидерот. Тие се школувале заедно во Швајцарија, што создало силна семејна и политичка врска.

Таа официјално е заменик-директор на Одделот за пропаганда и агитација на Работничката партија на Кореја, но нејзината вистинска моќ оди многу подалеку од оваа титула. Таа ги контролира државните медиуми, создава култ на личноста на својот брат и е задолжена за обликување на имиџот на земјата во светот.

Додека Ким Џонг-ун повремено ја презема улогата на преговарачки државник, Ким Јо-џонг со години е задолжена да испраќа најостри дипломатски пораки. Нејзините изјави упатени до Вашингтон и Сеул честопати се полни со остри зборови, навреди и отворени закани за воена сила.

Поради тајноста на режимот и фактот дека децата на Ким Џонг-ун се сè уште мали, многу експерти ја сметаат Ким Јо-џонг за најверојатен кандидат да ја преземе власта во случај на ненадејна неспособност на нејзиниот брат да владее, што ја прави една од најмоќните жени во модерната политичка историја.
The post Сестрата на Ким Џонг-ун им порача на САД: Нашиот нуклеарен арсенал само ќе расте appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: