Комерцијалните банки се во првични пресметки дали од есен ќе имаат сили за продолжување на рокот за одложување на плаќањето на кредитите, неофицијално дознава Алсат од извори од банкарскиот сектор. Сепак од Македонската банкарска асоцијација за Алсат велат дека активно ја следат економската состојба во државата.
Банкарите сметаат дека сè уште е рано да се отвора оваа тема бидејќи мерката за одложено плаќање на кредитите во моментов е некаде на средина, а завршува во октомври. Доколку во натамошниот период, околностите поврзани со пандемијата на COVID-19 наметнат потреба од нови активности, членките на Македонска банкарска асоцијација ќе ја разгледаат можностa за понатамошна помош на населението и стопанството.
Македонската банкарска асоцијација дава поддршка за економијата
„Во моментов нема услови да се предвидува развојот на настаните и да се коментираат следните активности“, велат од Македонската банкарска асоцијација.
Информациите до кои дојдовме велат дека ќе се чекаат и препораки и правци на работење кои треба да стигнат од Европската банкарска асоцијација. Граѓаните пак кои решија да го одложат враќањето на кредитите имаат можност да ја поништат оваа одлука и да продолжат да го враќаат долгот пред истекот на шесте месеци, односно да не чекаат да дојде месец октомври кога практично завршува оваа мерка. Банкарите препорачуваат оние граѓани или семејства кои имаат редовни плати да продолжат со враќањето на долгот бидејќи каматите и онака им течат. Во моментов велат дека ликвидноста на банкарскиот сектор е стабилна.
На стартот на оваа мерка 70 отсто од граѓаните кои имаат кредити во банките решија плаќањето да го одложат за шест месеци. Податоците од банкарскиот сектор велат дека граѓаните повеќе замрзнувале потрошувачки кредити, а помал процент на хипотекарни, односно станбени кредити.
Откако Владата донесе Уредба да се одложи враќањето на банкарските кредити, граѓаните по своја волја требаше да решат и да ја известат банката како ќе постапат. Инаку, денеска Народната банка објави дека минатиот месец има зголемување на подигнатите кредити за домаќинствата од 6,6 насто во споредба со истиот месец лани. За истиот период граѓаните во банките оставиле 8,4 проценти повеќе заштеди отколку минатата година.