Есмаил Каани, командантот на иранските сили Кудс, кој отпатува во Либан по убиството на политичкиот лидер на тамошното шиитско движење Хезболах, Саид Хасан Насрала, не се огласил од минатонеделните израелски напади во Бејрут, пренесува во неделата Reuters наводна изјава на двајца високи ирански безбедносни функционери.
Еден од неименуваните функционери изјавил дека Каани бил во јужните предградија на Бејрут за време на нападот кој наводно бил насочен кон високиот функционер на Хезболах, Хашем Сафиедин, но не се сретнал со него. Сафиедин се смета за веројатен наследник на Насрала, кој беше убиен во израелски напад на 27-ми септември.
Ирански официјален претставник изјавил дека Иран и Хезболах не успеале да стапат во контакт со Каани, шефот на странското воено разузнавање на иранската Револуционерна гарда односно силите Кудс. Соединетите држави го убија неговиот претходник Касем Сулејмани во напад со беспилотно летало на меѓународниот аеродром во ирачката престолнина Багдад во декември 2020 година.
Силите Кудс, прекуморскиот гранок на иранската Револуционерна гарда, ги надгледуваат односите со милитантните сојузници на Техеран низ Блискиот исток, како што е Хезболах.
Командантот на иранската Револуционерна гарда, бригадниот генерал Абас Нилфорушан, беше убиен заедно со Насрала во неговиот бункер кога израелски бомби го погодија на 27-ми септември.