Во Собранието е доставен Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската Унија по Договор за заем за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, по скратена постапка. Во Предлог-законот е наведено дека ќе се задолжиме со над 535 милиони евра.
„Со целосно спроведување на реформите од Реформската агенда Северна Македонија ќе добие 750.354.553 евра во периодот 2024-2027 година, од кои 535.012.159 евра заем и 215.342.394 евра грант. Од нив 349.095.433,75 евра заем се наменети за буџетска поддршка, а 185.916.725 евра заем и 215.342.394 евра грант се наменети за инвестициски проекти“, пишува во Предлог-законот.
Сите повлечени средства ќе се отплаќаат најдоцна 40 години од датумот на потпишување на Договорoт за заем со вклучен грејс период до 10 години. Во Предлог-законот не е наведена каматата.
„Целта на обезбедувањето на овој заем е предвидените мерки во рамките на Реформската агенда 2024-2027 да ѝ овозможат на земјата да напредува во областа на владеењето на правото, да ја зголеми ефикасноста на јавната администрација и судството, да ги подобри јавните услуги, да ја зголеми продуктивноста и да создаде нови работни места, како и напредок во дигитализацијата и зелената транзиција. Спроведувањето на мерките ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на земјата да одговори на шокови, да ја одржи макроекономската стабилност и да постигне одржлив и инклузивен раст“, пишува во Предлог-законот.
Најмалку 37 проценти од грантот ќе бидат наменети за климатски цели.
Инаку, за Западен Балкан се наменети 6 милијарди евра кои ќе бидат доделени според формула базирана на висина на БДП и број на население.