Се огласи Хрисохоидис по страшното невреме на Халкидики

Сакам да истакнам дека немаше поплави, туку паднати дрва поради силниот ветер и ова беше причина за смртта на луѓето, рече министерот за цивилна заштита на Грција, Михалис Хрисохоидис за време на вонредниот состанок во Солун одржан утрово, по невремето на Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот потврди дека загинати се шестмина туристи од Русија, Чешка и Романија, меѓу кои и две деца, а исчезнат е рибар, по кого трага крајбрежната стража.
По невремето постојат сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија што е во прекин од вчера во повеќе делови на Халкидики.


Паралелно, огромна штета е предизвикана на патната мрежа во општина Халкидики.
-Ќе работиме во следните часови и денови да се врати во нормала животот во регионот. Ова е наша должност, а во продолжение ќе дознаете и за санирање на штетите и сѐ друго што е предвидено со законите. Тука сме сите заедно да го поддржиме Халкидики, да изразиме жалење за невините жртви и во исто време брзо да ги затвориме раните, рече Хрисохоидис.
На состанокот во Солун одржан рано утрово освен министерот присуствуваа и префектот на регионот Централна Македониа, Апостолос Ѕиѕикостас и неговите заменици надлежни за цивилна заштита, градоначалникот на градот, претставници на војската, полицијата, крајбрежната служба и итната помош со цел да се одредат конкретните чекори и мерки за справување со ситуацијата.
Министерот упати апел до граѓаните доколку имаат информации за исчезнати, да пријават на телефонските броеви 100 на грчката полиција и 112 на цивилната заштита.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.