Се отчленив од ВМРО-ДПМНЕ, па законот не е прекршен при моето именување – вели новиот директор на АНБ, Бојан Христовски

Владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски, гледајќи ги околностите во државата околу безбедносната состојба и неефикасното работење на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), донесе одлука за промена на претходниот директор и за мое именување, рече новоименуваниот директор на АНБ, Бојан Христовски, во интервју за емисијата „Код“ на ТВ Телма прашан како успеал и што било пресудно за да стане прв човек на Агенцијата.

Најголемата критика за именувањето на Христовски е тоа што до неодамна тој беше член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет за Скопје. Партиската кариера, според тврдењата, тој ја завршил во декември минатата година, па на новинарска констатација дека е спротивно на законските одредби член или функционер на партија да стане директор на АНБ, Христовски одговори дека Законот за АНБ во неговиот случај не е прекршен.

„Согласно законот, не е дозволено членување во политички партии за ниту еден од вработените. Исто како што е во МВР. Во моментот на моето именување и претходно при моето, условно кажано, враќање во МВР во декември 2023 година, односно одреден период претходно, со пополнување формална изјава, со барање до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, се изземав, односно се отчленив, од партијата“,рече Христовски.

Прашан како ќе постапи кога ќе му се јави доскорашниот партиски шеф, а сегашен премиер и побара нешто да направи како директор на АНБ, Христовски одговори дека секогаш бил самостоен во своето работење и одлучување.

„Се што е во рамките на законот ќе биде изработено строго во рамките на законот и подзаконските акти на АНБ. Луѓе може да бараат, може да има секакви побарувања. Тоа што ќе биде преземено од моја страна и донесено како одлука секако секогаш ќе биде во рамките на правилата тука, на законските прописи и во склоп на вредностите на оваа држава односно темелите на кои ние се потпираме, а тоа е припадност кон НАТО-алијансата и вредностите на Европската Унија“,рече тој.

Пронајдете не на следниве мрежи: