Двете страни се очекува да потпишат договор за изградба на заеднички тунел којшто треба да ги поврзе Македонија и Бугарија, со што ќе се придвижат работите за реализација на железничкиот Коридор 8.
Постигнат е напредок меѓу Македонија иБугарија во однос на изградбата на пруга на Коридорот 8. По средбата на македонскиот вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов, која што се одржа на 28 јуни во Истанбул, и во двете земји проструија информации дека наскоро ќе биде потпишан договор за изградба на прекуграничен железнички тунел – тема околу која што имаше застој изминатиот период.
„Упорноста во сите овие месеци и тоа што презентиравме дека постои инженерски, а не политички проблем, даде резултат и доведе до тоа Бугарија да ги преземе своите обврски за изградбата на пругата од Коридорот 8“, изјави Николоски во гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Тој рече дека веќе подолг период имало проблем да се оствари средба. „Дел од причините беа што седум пати имаше избори во Бугарија во последните три и пол години, првпат има постабилна влада, и ете се најде начин, во рамки на Форумот кој што се случуваше во Истанбул да се одржи една средба. Средбата беше долга и содржајна, влеговме во многу детали, но она што за мене е клучно е дека мора да расчистиме, дека од еден крајно инженерски проблем, се направи политички проблем и тоа е нешто што не смее да се дозволи да се случува во иднина“, рече вицепремиерот.
Момче во темно сино одело со сива вратоврска (Александар Николоски) зборува на говорница пред повеќе микрофони, а десно од него има македонско знамеМомче во темно сино одело со сива вратоврска (Александар Николоски) зборува на говорница пред повеќе микрофони, а десно од него има македонско знаме
Тој ги потврди владините ставови дека железничкото поврзување со Бугарија, треба да е преку тунел, и тој мора заеднички да се изгради. „Македонија мора да го заврши својот дел од работата, но и Бугарија да го заврши својот дел од работата и трето и можеби најважно, ние сакаме Скопје да се поврзе со Софија, а не со Крива Паланка, а од Софија и со Бургас и со Варна, со пристаништата на Црното Море, и за тоа да се случи Бугарија мора да ја модернизира својата железница“, рече Николоски.
Тој смета дека по средбата со бугарскиот колега начелно постои согласност околу сите три прашања и дека Бугарија сега е согласна дека тунелот треба да се гради заеднички.
„За тоа ќе има средба во Брисел на експретско ниво на 16 јули, помеѓу експрети од Македонија, Бугарија и Европската Комисија. Ќе се потпише и документ, како заедничка Декларација, ќе работиме за тој документ да се изработи што побрзо, со тимови од двете влади. Понатаму, Бугарија јасно кажа, дека ќе инвестира 1,5 милијарди евра, на потегот од Софија-Ѓуешево-Деве Баир, што е значајно ветување и е многу поразлично од она што беше претходно“, рече Николоски.
Според него, можно е заеднички да се аплицира во ЕУ за грант средства за изградба на тунелот како симбол на поврзување на две земји.
Средбата меѓу Николоски и Караџов се одржа во рамки на Форумот „Глобална Транспортна Поврзаност”. Како што пренесуваат бугарските медиуми, Гроздан Караџов изразил уверување дека Софија активно работи на Коридорот број 8, а до крајот на јули ќе биде објавен тендер за изградба на последните 2,4 км од железничката линија помеѓу Ѓуешево и Деве Баир на границата со Северна Македонија.
„Сите процедури се завршени. Финансирањето од 69 милиони евра е обезбедено од ЕУ. До крајот на 2028 година, бугарски воз ќе стигне до Деве Баир“, порачал Караџов. Според тамошните медиуми, Бугарија ќе инвестира над 1,5 милијарди евра во модернизација на железничката линија од Софија до границата со Северна Македонија.
Вицепремиерите Караџов и Николоски ќе треба да одржат нов состанок за координирање на договор за железнички тунел меѓу двете земји. Исто така треба да испратат и експерти на јулскиот состанок за Коридорот број 8, организиран од Европската комисија.