Се полни новогодишната кошница: Производителите понудија над 1.000 производи, ама догодина ќе се знае колку ќе заштедиме

Сите неправилности во однос на изигрување на она што самите производители го понудија ќе бидат прво проследени со опомени, но има и законски казнени одредби кои се однесуваат на трговската измама, изјави заменик министерот за економија Марјан Ристески. И синдикалците и ОПМ за првпат ќе бидат монитори дали има изигрувања на пазарот

Новогодишната кошница се „прелива“ и во неа сега има 1.036 производи, се пофали министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на вториот ден од почетокот на акциското намалување за најмалку 10 отсто. Според него, на почетокот се броеле 675 разни прехранбени производи, но листата не е затворена, а производителите и дистрибутерите просто се „тепаат“ да влезат во неа и сега се вклучени над 90 компании и 38 трговски синџири. Тој повтори дека ова не е владина мерка, ами „општествена одговорност на дело со цел на граѓаните да им обезбеди пристојна прослава“. Иако нејзиниот почеток се совпадна со неработната недела, трговците биле послушни, ги означиле производите на акција и ги залепиле етикетите „помалку трошоци, повеќе за тебе“, додаде Влатко Стојаноски, директор на Државниот пазаерн инспекторат.

-Новогодишната кошница започна и ќе трае до 15 јануари, а производите во неа на иницијатива на бизнис секторот се нудат по пониски цени од најмалку 10 отсто. Со ова директно помагаме за животниот стандард на граѓаните за пристојни услови. Листата е транспарентна и се објавува на веб страницата „мојакошница“ на МЕТ, таа не е затворена, а сите заинтересирани може дополнително да се пријават. Изминатиот период имавме десеттици консултации со бизнис секторот и од нив за прв пат произлезе оваа иницијатива. Ова е акциско намалување со важност од 1 месец, а според Законот за заштита на потрошувачите се гледаат најниските цени кои биле во последните 30 дена, со намалување од најмалку 10 отсто. ДПИ ќе ги проверува сите аномалии или злоупотреба и ако има злоупотреби ќе пишува казни. Се надевам дека производителите и дистрибутерите, ќе се придржуваат до она што самите го креираа и го понудија – објасни Дурмиши.

Но, првите податоци за тоа колку граѓаните ќе заштедат, ќе се знаат на почетокот на идната година, кога ќе бидат објавени статистичките податоци за инфлацијата. Дурмиши се повика на ноемвриската заштеда која изнесувала 965 денари, а неговиот заменик дополни дека заедно со заштедата од 2.000 денари за училишната кошница, стандардот на граѓаните се подобрил. Сепак, Дурмиши не одговори на новинарското прашање, дали верува дека граѓаните им веруваат на овие намалувања на цените.

-Ноемвриската кошница опфаќаше 73, производи, а сега повеќе од илјада производи, што значи дека и заштедата ќе биде поголема – рече Дурмиши.

Според Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд, за прв пат освен ДПИ, мониторинг ќе прават и синдикатите и Организацијата на потрошувачи, но и граѓаните и медиумите.

-Сите неправилности во однос на изигрување на она што самите производители го понудија ќе бидат прво проследени со опомени, но има и законски казнени одредби кои се однесуваат на трговската измама. Но би сакал да не се доведеме во ваква ситуација. Ако се покаже дека овој принцип и формула се добри и натаму ќе ја применуваме, но ако има изигрување, тогаш ништо не ја спречува Владата да продуцира поригорозони мерки, но јас сум убеден дека нема да има потреба од тоа – посочи Ристески.

ДПИ проверува дали имало зголемувања на цените само во изминатите 30 дена
Повикувајќи се на законските одредби кои се однсуваат на акциската продажба, Влатко Стојаноски, директор на ДПИ, рече дека тие постапуваат по Законот за заштита на поттошувачите, кој пропишува дека кога е акциска продажба се утврдуваат цените во изминатите 30 дена, во случајот од 15 ноември до 15 декември. Тој не одговори на конкретното новинарско прашање што ако на 14 ноември цените биле зголемени?

-Најниската цена во тој период сега треба да е пречкртана и јасно да биде објавена новата пониска цена. Се согласувам дека е порасната инфлацијата во ноември во споредба со лани, но конкретно за оваа иницијатива ги гледама изминатите 30 дена. Мора да провериме што и како било претходно, имаме механизам да ги провериме сметководствените картици, но некои поскапувања можеби се должат бидејќи се работи за берзантски производи. Прво ќе провериме, а потоа ќе коментираме дали имало изигрувања. Се надевам дека сите учесници во кошницата ќе ја почитуваат нивната иницијатива, а граѓаните ќе судат – се правдаше Стојаноски.

Тој откри дека изминмативе два дена имало некои ситни недостатоци, кои веќе денес биле отстранети и производите биле јасно обележани.

Пронајдете не на следниве мрежи: