На предлог на Град Скопје се менуваат имињата на катните гаражи. Следната седмица на седница на Советот на Скопје пред советниците ќе се најде предлогот за преименување на гаражите “Македонска фаланга“ и “Тодор Александров“.
По предлогот на градските власти, гаражата “Македонска фаланга“, која се наоѓа на улица “Свети Кирил и Методиј“, во близина на трговскиот центар “Рамстор“ ќе добие ново име- “26-ти Јули“, а како повод се наведува 55-годишнината од земјотресот во Скопје, како и зачувување на историјата на градот.
“Ова е еден пример на вреднување на историјата и на имињата кои потекнуваат од обновата на Скопје по земјотресот на 26-ти јули 1963. година“, стои во образложението на предлогот.
Гаражата “Тодор Александров“ која се наоѓа на улица “Даме Груев“ се предлага да се преименува во “Беко“, заради зачувување на урбаниот топоним кој потекнува од стоковната куќа “Беко“, која веќе не постои, но граѓаните на Скопје сѐ уште го користат за локацијата каде што се наоѓаше објектот.