Се пријавил за правобранител, а го бркаат за криминал: Кој е Беким Емини, кандидат за правобранител?

Прашање што би требало да ја мачи јавноста: Kaко некој би ја бранел државата и би ја штител од криминал ако и самиот e предмет на истрага за криминал?

Државниот правобранител и државните правобранители ги штитат имотните права и интереси на Република Македонија и на државните органи основани со закон пред судовите и другите органи во земјата и странство. Накратко, државниот правобранител е „адвокат на државата„, треба да ја застапува Република Македонија и да го штити нејзиниот интерес.

Заврши огласот на Владата за избор на нов државен правобранител, на кој неофицијално се пријавени пет кандидати. Како што дознава Инфомакс, на огласот се пријавиле државните правобранители за подрачје Скопје, Земиле Кодра, Вишња Младеновска и Авдил Јонузи, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа и поранешниот директор на Агенцијата за странски инвестиции Беким Емини.

За последниот кандидат, Емини, неофицијално дознаваме дека се води постапка од страна на секторот за економски криминал при МВР и финансиската полиција за сторен економски криминал во времето кога бил директор на Агенцијата за странски инвестиции. Имено, според нашите информации се истражува дали Емини ја злоупотребил службената положба и овластување, член 353 став 3 од Кривичниот законик, поради пропусти и злоупотреби при спроведување на јавни набавки. За потребите на постапката, според нашите информации МВР и ОЈО веќе прибрале определена документација, иако од ОЈО официјално не ја потврдија информацијата.

На нашето прашање дали против кандидатот за државен правобранител Беким Емини се води постапка за злоупотреба на службената положба, од ОЈО истакнаа дека не откриваат детали за да не се наруши пресумпцијата на невиност.

– Јавното обвинителство поради заштита на пресумпцијата на невиност и доверливоста на постапките не е во можност да открива колку и какви постапки евентуално води против конкретно лице. Обвинителството не е во можност и да споделува наводи од евентуално поднесени пријави додека таквите наводи не ги испита. Казнена евиденција на лицата, согласно правосилни пресуди, води надлежен суд – велат од Обвинителството за Инфомакс.

Членот 353 од Кривичниот законик се однесува на злоупотреба на службената положба, а ставот три се однесува на прибавување на значителна имотна корист.

– Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години, стои во ставот тти од членот 353 од Кривичниот законик.

Во биографијата на Емини, како директор на Агенцијата за странски инвестиции, се наведува дека завршил Правен факултет на УКИМ и има положен правосуден испит, зборува албански како мајчин јазик и македонски, англиски, српски и хрватски јазик. Професионалната биографија не е особено голема, работел како преведувач, Одговорен за ИТ Секторот во културниот центар “Заедно за иднината“ предводен од C.R.I.C – Italy, Медиа аналитичар во ОБСЕ/ОДИХР, во Министерството за одбрана и слично.

Инаку, братот на Беким Емини е партиски функционер во Гостивар, претседател на партискиот огранок на Изет Меџит.

Согласно Законот за државното правобранителство, Владата на Република Македонија распишува оглас за именување на државниот правобранител и државни правобранители најдоцна во рок од 15 дена од настапувањето на условите за избор на државните правобранители.

Во членот 20 од Законот се утврдени условите за избор на државен правобранител.

– Да е државјанин на Република Македонија

– Да е дипломиран правник со најмалку осум години работно искуство по положен правосуден испит

– Да ужива углед за вршење на функцијата

Овде се поставува прашањето, како доколку некој се истражува за евентуален сторен криминал би имал углед да ја извршува функцијата државен правобранител и да ја застапува Република Македонија пред домашни и меѓународни судови?

Инаку со огласот кој заврши на 12 септември, Владата треба да избере наследник на Фехми Стафа, поранешниот државен правобранител кој повторно е кандидат за истата позиција.

Претходно Стафа поднесе кривична пријава за неуспешната конфискација за случајот ,,Трансмет”, против обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро, како и за тогашниот директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми кој подоцна беше разрешен од функцијата.

Пронајдете не на следниве мрежи: