Се следи случајот: Жената живеела сама во станот во „Скопјанка“

По пријава од градоначалникот Петре Шилегов, тим од Центарот за социјална работа Скопје направил увид во станот во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром и констатирал дека таму живее сама 65-годишна жена, која е сопственичка на станот и корисничка на пензија. Таа имала и ќерка, која не живее со неа, но во согласност со Законот за социјална заштита е должна да се грижи за неа.
-До јануари оваа година со неа живеела нејзината 90-годишна мајка, која починала. Социјалните работници не се стручни да дадат мислење за здравствената состојба на жената. Во однос на социјалниот аспект, констатирано е дека жената има ќерка, која во согласност со Законот за социјална заштита е должна да се грижи за неа и според нејзина изјава повремено ја посетувала мајката. Жената е корисничка на пензија и има стан во нејзина сопственост.

Во согласност со Законот за социјална заштита, Центарот за социјална работа нема надлежност да постапува бидејки ќерката има обврска да се грижи за мајката, за нејзината здравствена состојба и одржувањето на личната и хигиената во станот​, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Посочуваат дека, со оглед на целокупната состојба, стручен тим од ЦСР Скопје од Службата за заштита на стари и возрасни лица е на терен за да изврши разговор со ќерката и да и укаже на нејзините обврски во согласност со законот и остварувањето на правата од областа на социјалната заштита. Од Министерството за труд и социјална политика истакнуваат дека социјални работници и во иднина ќе го следат случајот.
-Исто така, сакаме да известиме дека во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа во изминатиот период во врска со ова немало никаква пријава за постапување и излегување на терен, се додава во соопштението.


Од МВР претпладнето за МИА информираа дека е исчистен станот во зградата во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром, од каде што синоќа се ширеше непријатна миризба.
Од страна на екипа на АРМ, со апаратура е констатирано дека се работи за амонијак од употребени пелени. На местото на настанот излегле и служби од Министерството за здравство- Центар за јавно здравје, Дирекцијата за заштита и спасување.
Од МВР информираа дека синоќа околу 18.50 часот било пријавено дека во влезот број 1 на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ се чувствува непријатна миризба и граѓаните се жалат на печење на очите и оти претпоставуваат дека најверојатно е фрлен солзавец. Излезено е на местото на настанот, при што е констатирана силна непријатна миризба.
-Од страна на Противпожарна екипа отворени се сите врати од помошните простории, по што миризбата се изгубила, освен на вториот кат во стан сопственост на С.С.(64), каде живее со нејзината ќерка и двајца внуци, велат од МВР.
Како што претходно објави МИА, непријатна миризба од употребени пелени беше причината за евакуација на жителите од зградата во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром. По извршената дезинфекција и по шест часа минати надвор, доцна синоќа граѓаните се вратени во своите домови.
Синоќа жителите ги посети скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.