Уставниот суд, како што соопштија денеска од оотаму, оценил дека барањето на овој податок при впишување во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на националноста. Одлуката, Судот ја донел тргнувајќи и од фактот што станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот
Уставниот суд донесе одлука со која се укинува делот националност од Законот за матична евиденција, соопшти денеска прес-службата на Судот. Претходно, кон крајот на минатата година, Уставен со времена мерка им наложи на надлежните служби да не смеат да бараат од граѓаните податоци за националност додека Судот не донесе конечна одлука. Со денешната одлука целосно се брише графата „националност“ од матичните книги на родените, венчаните и на умрените.
Уставниот суд одлучуваше по инцијатива поднесена од политичката партија Левица, а предмет на оценка беа три члена од Законот за матична евиденција во делот националност. Судот на 20 декември, минатата година одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, бидејќи изрази сомнеж во нивната усогласеност со највисокиот правен акт на државата.
Уставниот суд, како што изјави портпаролката Христина Беловска по денешната одлука, оценил дека барањето на овој податок при впишување во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на националноста што е предвидено со членот 8 став 1 алинеја 2 од Уставот.
„Овој член (од Уставот) го вклучува правото не само на слободно изразување на националноста туку човекот, односно граѓанинот да има можност да се изјасни за сопствената националност, но и правото да не се изјаснува за националноста, вклучително и правото да ја промени националноста, што не беше случај со одредбите коишто се веќе укинати“,
рече Беловска на прес-конференција.
Одлуката, додаде таа, Судот ја донел тргнувајќи и од фактот што станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот.
„И никој не може да биде принуден тоа чувство јавно да го манифестира и уште повеќе да биде предмет на задолжително институционално администрирање во јавните исправи, со оглед на тоа дека Уставот преку членот 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци. Дополнително преку членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се почитува заштита на приватноста на неговиот семеен и личен живот, како и достоинството и угледот“,
рече портпаролката, образлагајќи ја одлуката на Уставниот суд.
Таа посочи дека со оглед дека денешната одлука е укинувачка повеќе не постои правен основ во матичните книги на родени, венчани и на умрени да се бара податок за националноста.
Инаку, Законот за матична евиденција кој го разгледуваше Уставен и од кој укина делови од три члена во однос на националноста е донесен во 1995 година.
Претходно во септември лани, во посебна постапка по сопствена иницијатива, Уставен го поништи упатството за водење матични книги, со кое се воведе графа националност во изводите од матична евиденција. Причината поради која Судот го поништи актот беше пречекорувањето на уставниот рок од седум дена во кој Министерството за правда требало да го достави упатството до „Службен весник“.
Упатството за матичните книги, во кое беше додадена графата за националност, беше донесено од министерот за правда Кренар Лога на 29 мај годинава. Актот беше објавен во „Службен весник“ на 15 јуни, односно 17 дена од неговото усвојување, или поконкретно – 10 дена од истекот на законскиот рок за оваа процедура. Судот и во овој предмет донесе времена мерка со која го стави надвор од употреба упатството на Лога додека не се донесе конечна одлука за предметот.