Во населбата Печине во Риека, Хрватска вчера вечер се урнал балкон од напуштена куќа во близина на хотелот „Јадран“. Во моментот на уривањето, на балконот се наоѓале двајца млади.
Полицијата го добила повикот во 20:45 часот. На местото на несреќата веднаш пристигнале пожарникари и екипи на итната медицинска помош.
Пожарникарите од урнатините извлекле две лица, кои потоа им биле предадени на екипите на итната медицинска помош за понатамошно згрижување.
Пожарникарот Матија Распор за „Индекс“ изјавил дека спасувањето на младите траело околу час и половина.
„Добивме дојава дека две лица се заробени под урнатините од балконот и дека се прекриени со парчиња бетон. Излеговме со едно возило, а потоа побаравме помош од второ. Патот беше тешко пристапен, па со помош на јажиња се спуштивме до местото на несреќата. Спасувањето траеше речиси час и половина. Моравме внимателно да ги отстрануваме сите камења од нив за да избегнеме дополнителни повреди. Ги извлековме во истата состојба во која ги затекнавме, така што, сè на сè, многу добро поминаа“, рекол тој.
Сите надлежни служби и понатаму се на терен и ги утврдуваат околностите под кои дошло до несреќата.
Според „Индекс“, станува збор за напуштена куќа во близина на хотелот „Јадран“, во која младите често влегуваат преку дупка во оградата.



