Се урна индонезиски патнички авион

Авион на индонезиската компанија „Лајон ер“ со 189 патници и членови на екипаж ноќеска се урна во море само неколку минути откако полетал од Џакарта. Според информациите на индонезиската авиокомпанија авионот бил сосема нов и се упатил кон Пангкал Пинанг на остров кај Суматра. Во него имало 181 патник, меѓу кои едно дете и две бебиња, и осум членови на екипажот. Индонезиската телевизија емитуваше снимки на кои се гледа излеано гориво и остатоци од леталото.
Националната агенција за пребарување и спасување соопшти дека околу 300 луѓе, меѓу кои и војници, полицајци и локални рибари учествуваат во потрагата и оти до сега не е пронајдено ниту едно тело, туку само лични предмети на патниците и остатоци од авионот. Роднините и пријателите и на патниците чекаат и се молат на аеродромот во Пангкал Пинанг.
Портпарол на индонезиската служба за контрола на воздушниот сообраќај,  Јоханес Сирајт соопштил дека екипажот на авионот побарал леталото да се врати во Џакарта непосредно пред да биде изгубен контакт со него. Диспечерите дозволиле авионот да се врати, но тогаш бил изгубен контакт со него, додал Сирајт. Контактот е изгубен 13 минути по полетувањето на авионот.

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи: