„Се уште е наш играч“: Шкупи до крај ќе го испочитува договорот со Андреј Лазаров, фудбалерот кој загина спасувајќи животи во „Пулс“

Генералниот директор на Шкупи, Ајкут Туран за „ТВ 21“ потврди дека до крај ќе го испочитуваат договорот со починатиот фудбалер, Андреј Лазаров.

Лазаров е една од жртвите во ужасната трагедија која се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани. 19-годишниот фудбалер, трагично го загуби животот во пожарот кој ја зафати дискотеката во Кочани. Веста ги парализираше и соиграчите, и навивачите и целата фудбалска заедница.

-Да, нѝ кажа дека ќе оди за Кочани. Му рековме убаво да си поминеш. Ни кажа дека ја нема видено подолго фамилијата и ете, после тоа се случи тоа што се случи“, изјави за ТВ 21 Кристијан Блажевски, фудбалер на Шкупи.

Чаирскиот клуб прави голем гест, договорот на Лазаров ќе биде испочитуван до крај, а примањата ќе одат на сметка на неговото семејство.

-Договорот ќе продолжи. Се уште е наш играч, изјави емотивно директорот Ајкут Туран за „ТВ 21“.

Тој потврди дека Лазаров се вратил во дискотеката за да помага при вадењето на луѓе и починал од задушување.

-Во карактерот, и на теренот со борбен дух, беше нешто што нас целосно не опишува. Многу го сакавме него. Сега помеѓу нас не е, но ние се уште не веруваме, затоа што на теренот неговиот борбен дух на Лазаров тој ден таму го запре човештвото. Тамошните луѓе за да ги спаси повторно влегол внатре и се борел и не од изгореници, туку од задушување починал. Тоа е голем карактер, тоа е големо нешто. Нека им е на сите лесна земјата, изјави Туран.

Пронајдете не на следниве мрежи: