Седуммина претенденти веќе обезбедија место на гласачкото ливче. Кандидатот Ѓорѓи Манасков на кого поддршка досега му дале 414 граѓани, денеска на прес-конференција се пожали на нерегуларности и побара да се стопира целата постапка за собирање потписи
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денеска се пофалија дека експресно се собрани граѓанските потписи за нивните кандидати за претседатели.
Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски попладнево соопшти дека за неполни пет часа ги собрал потребните граѓански потписи за неговата кандидатура за втор претседателски мандат.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва дополни дека бројката на граѓански потписи за Пендаровски надминала 22 000.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак, вечерва објави дека нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова собрала над 27 000 потписи.
Пендаровски и Силјановска-Давкова се приклучуваат на кандидатите кои веќе обезбедија граѓанска поддршка – Бујар Османи – ДУИ, Арбен Таравари (Коалиција „Вреди“), Максим Димитриевски (ЗНАМ), Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
Останатите претенденти се далеку од законскиот праг. Според последниот пресек на Државната изборна комисија, заклучно со вчера во 20 часот, Мерсиха Смаиловиќ која е поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз, има 1 411 потписи, а Вело Марковски кој најави независен настап има вкупно 1 402 потписа.
Кандидатот чие име предизвика големо внимание во јавноста, Господин Попоски од Вевчани, досега успеал да обезбеди само 109 гласа.
Под илјада потписи досега имаат и независната кандидатка поддржана од ДЕСНА, Зорица Цветковска (вкупно 195), како и кандидатот Ѓoрѓи Манасков, на кого поддршка досега му дале 414 граѓани.
Манасков денеска на прес- конференција се пожали на нерегуларности и побара да се стопира целата постапка за собирање потписи.
„Од одредени градови, од одредени подрачни единици, се потпишуваат во други градови и други подрачни единици. Втора работа што е незаконски и нерегуларно, ДИК нема евиденција и компјутерска проверка и може секој граѓанин да се потпиши од која било друга општина, а одредени граѓани ни се пожалија дека се потпишуваат неколкупати, со автобуси доаѓаат, што е истотака нерегуларно“,
изјави Манасков.
Томе Николоски останува со 0 потписи, а самиот пред неколку дена објави дека се откажува од трката.
Рокот за собирање на потписите истекува на 8 март – на полноќ.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, за кога се закажани и парламентарните избори.
„360 степени“ претходно објави дека малиот број подрачни одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија значи дека значаен дел од електоратот мора да патува и десетици километри за да даде поддршка за некого од оние што се обидуваат да соберат најмалку десет илјади потписи за да изборат место на гласачкото ливче на 24 април.
Голем број од оние подрачни канцеларии што постојат или се во лоша состојба или се тешко достапни.
Повеќе на тема претседателски кандидатури читајте на линковите во продолжение: