СЗО: Вакцината за КОВИД-19 не треба да се очекува пред првата половина на 2021 година

Истражувачите откриваат „добар напредок“ во развивањето на вакцината за КОВИД-19, но првите вакцини не можат да се очекуваат пред првата половина на 2021 година, изјави експертот на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан.

СЗО работи на обезбедување фер дистрибуција на вакцината, но во меѓувреме е клучно да се спречи ширењето на вирусот, рече Рајан задолжен за итни ситуации во СЗО, со оглед дека светските рекорди бележат дневно зголемување на бројот на нови инфекции.

„Остваруваме добар напредок“, рече Рајан, додавајќи дека неколку вакцини се во трета фаза на тестирање и дека ниту една досега не се покажала како неуспешна, во однос на безбедноста или можноста за стимулирање на имунолошкиот одговор.

СЗО работи на проширување на пристапот до потенцијалната вакцина и помага да се зголеми производствениот капацитет, рече Рајан и додаде: „Треба да бидеме фер. Вакцините за оваа пандемија не се за богатите, не се за сиромашните, тие се за секого“.

Вакцината за КОВИД-19 се смета за клучна во контролата на пандемијата, така што владите ширум светот потпишаа договори со различни фармацевтски компании за да ги обезбедат потребните дози на најнапредниот кандидат за вакцината.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.