Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела ја ажурираше својата листа на опасни вируси и бактерии, откривајќи дека бројот на патогени коишто би можеле да ја предизвикаат следната пандемија е зголемен за повеќе од 30 отсто.
Вирологот Миланко Шеклер тврди дека нема основа за страв, бидејќи, според него, ништо не се променило.
– На списокот од 2018 година се ставени цели семејства на познати вируси. На почетокот на 21 век беа познати 1.415 инфективни агенси кои предизвикуваат болести. За 23 години откриени се околу 200 нови. Нова е само стратегијата дека повеќе луѓе учествуваат во надзорот и испитувањето на присуството на вируси во природата и дека разменуваат искуства – изјави Шеклер за „Новости“.
Повеќе од 200 научници од 54 земји анализирале 1.652 вируси и бактерии и идентификувале 33 како ризични. Шеклер истакнува дека во истрагата биле вклучени бројни ветеринари и експерти од неразвиените земји како Иран, Бангладеш и Пакистан.
– Соработката е проширена и со колегите кои работат во земји каде што може да се појават инфекции и кои можат да го загрозат здравјето на луѓето во богатите земји. Ваквите мерки се донесуваат поради богатите – рекол Шеклер.
Секој вирус или бактерија, како што вели, може да се пренесе насекаде на планетата за 24 часа. Меѓу приоритетните патогени што ги објави СЗО во својот извештај се наоѓа и групата на коронавирусот, како и вирусот на мајмунските сипаници.
– Секој од овие вируси и бактерии има свои карактеристики и начин на кој може да биде опасен – наведува Шеклер.
Тој додава дека не е исто дали инфекцијата се шири на територијата на која луѓето биле во контакт со неа со векови или таму каде што првпат се среќаваат.
– Многу приоритетни патогени во моментот се ограничени на одредени региони, но имаат потенцијал за глобално ширење. Имунитетот и здравствената состојба на заразените се важни, а ризикот е поголем во земјите со претежно постара популација. Одредени патогени може да предизвикаат катастрофални проблеми во земја, а во друга да не се случи ништо необично – рекол тој.
Епидемиологот Зоран Радовановиќ смета дека секогаш има причина за загриженост.
– Пандемиите повремено „излегуваат“, заканата виси во воздухот. Во последните 150 години, најдолгото растојание меѓу две пандемии беше 41 година – рекол Радовановиќ.
Тој додава дека е важно навреме да се подготвиме во однос на лековите, вакцините и заштитната опрема.
– Сите изолирани вируси и бактерии се опасни, а што се однесува до смртноста, најопасен е вирусот нипах – посочил Радовановиќ.
Станува збор за вирус кој предизвикува смртоносна треска и отекување на мозокот, а кој повторно се појави во Индија. Го пренесуваат лилјаците, а СЗО го стави овој вирус на листата на приоритетни во 2022 година.