СЗО: Со децата да не се започнува со вакцинација против ковид, додека не биде вакцинирано возрасното население

Да не се брза со вакцинацијата против ковид на децата од 12 до 18 години, туку прво да се вакцинира возрасното население и граѓаните кои се во ризичните групи, препорачува Светската здравствена организација.
„Би сакале да повториме дека приоритет треба да биде сите земји да добијат вакцина за високо ризични групи пред да се вакцинираат оние кои имаат многу помал ризик од зараза“,
вели Кејт О’Брајан, директорка на одделот за имунизација и вакцинација на СЗО.
Оваа тема станува актуелна во период кога Канада ги одобри вакцините на „Фајзер“ и „Бионтек“ за употреба на адолесценти на возраст од 12 до 18 години. Во текот на наредната недела се очекува дека истото ќе го сторат САД, а Германија најавува такво одобрение кон месец август.
Проширувањето на кампањата за вакцинација на адолесцентите во побогатите земји може да ја зголеми нееднаквоста во дистрибуцијата на вакцините, нешто што СЗО постојано го критикува.
„Откако вакцините ќе бидат дистрибуирани на соодветен и правичен начин – така што секоја земја ќе добие доволно вакцини за приоритетните групи, ние силно ќе го поздравиме давањето вакцини на помладите генерации“,
рече О’Брајан.
Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус вчера ги повика богатите земји-членки на Г7 да дадат апсолутен приоритет на еднаквиот пристап до вакцините, нагласувајќи дека сегашната состојба е „неприфатлива“.
„Најважното нешто што сега ни треба се вакцините, рамноправност во вакцинацијата. Пандемијата во светски рамките одзема по 100 илјади животи неделно“,
рече тој.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.