На прашањето дали сè уште се преговара за состав на идната влада и за што, Таравари одговори дека наскоро ќе има дефинитивен договор кој ќе го објави идниот премиер
Арбен Таравари, еден од лидерите на коалицијата „Вреди“ која води преговори со ВМРО-ДПМНЕ за состав на идната влада, денеска изјави оти е сигурен дека овој владин состав ќе ги започне преговорите со Европската Унија, а на прашањето дали ќе биде министер за здравство, тој кратко одговори: „најверојатно да.“
„Никогаш ВЛЕН не би била дел од влада доколку таму не гледаме реформи, промени и напредок на државата. Во тоа да сте сигурни. Јас се радувам што во Македонија после 22 години се случува комплетна промена на власта. Што подразбирам со ова? Во 2002 година дојдоа ДУИ и СДСМ на власт, а во опозиција отидоа ДПА и ако не се лажам ВМРО. Сега, после 22 години, двете партии од власта одат во опозиција, што навистина остава простор за вистински реформи и напредок на државата. А јас сум сигурен дека оваа влада ќе ги започне преговорите (со ЕУ н.з.), а не сакам да бидам преамбициозен дека тие би биле завршени во мандатот додека ја има оваа влада“,
изјави Таравари одговарајќи на новинарски прашања по настанот организиран од „Европското движење“ во Северна Македонија во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“.
На прашањето дали сè уште се преговара за состав на идната влада и за што, Таравари одговори дека наскоро ќе има дефинитивен договор кој ќе го објави идниот премиер.
„Кога велам наскоро, за три-четири дена мислам дека ќе има дефинитивен договор, меѓутоа тоа да го оставиме на идниот премиер да го објави… Мислам дека сме многу при крај со договорот“,
рече Таравари.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој изјави дека него став е откако ќе започната преговорите со Европската Унија да се отвори дебата за нов Устав.
„Јас мислам дека би било добро за државата кога ќе ги започнеме преговорите да отвориме и дебата за промена на Уставот. Јас мислам дека на Македонија ѝ треба нов Устав“,
рече Таравари.
Што се однесува до доделувањето на мандатот за состав на идната влада, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која денеска учествуваше на истиот настан, во изјава за медиумите кажа дека не ја исклучува можноста тоа да се случи пред истекот на крајниот рок, кој е петок (7 јуни).
„Јас чекам да дојдат кај мене. Инаку, ситуацијата е релативно јасна. Да, Уставот вели 10 дена и потоа 20 дена за состав на владата. Можно е и порано, но јас гледам, како што реков, сите елементи да ги проучам за да можам да постапам според Уставот“,
изјави Сиљановска-Давкова.
ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ сè уште разговараат за формирање на новата влада, иако поделбата на ресори веќе е објавена, а неофицијално се споменуваат и имиња на новите министри.
Во распределбата на министерските позиции, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори, добива најмногу – 13 ресори. На нејзино конто одат клучните места поврзани со безбедноста и надворешната политика – Министерството за внатрешни работи.
Според анализата на „360 степени“, 24 фотелји ќе бидат потребни за седниците на новата влада чие составување се ближи кон финиш. Главното место ќе биде за идниот премиер. Во 20 фотелји ќе седнат новите министри кои ќе предводат конкретен ресор. Трите преостанати места се за министрите кои ќе немаат ресор. Така ќе изгледа првата влада на Христијан Мицкоски – со 20 министри со ресор и тројца без ресор.
Според партиски најави, новата влада треба да биде избрана и да стапи на должност до 20 јуни.