Пратеникот на ДУИ изнесе и критики за инаугуративниот говор на новата претседателка на државата, кој според него бил како обраќање за 8 Март, без Силјановска-Давкова да каже ништо суштински за евроинтеграцискиот процес на земјата и предизвиците кои претстојат во таа насока
Изразуваме жалење за говорот на претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова. Го згази Уставот уште во прва реченица неспомнувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа, изјави пратеникот и координатор на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, по денешната инаугурација на новата претседателка на државата.
Имено, додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова, при повторувањето, користеше само Македонија.
Силјановска-Давкова, како и при давањето на заклетвата, употребуваше само Макеоднија и во нејзиниот инаугуративен говор, во кој според Адеми таа повикала на единство, а спомнала само двајца лидерите на партии – Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Димитар Ковачевски (СДСМ), исклучувајќи ги, според него, сите останати.
Според пратеникот на ДУИ, новата претседателка во нејзиниот говор не кажала ништо суштинско, посочувајќи дека Силјановска-Давкова не се осврнала на евроинтеграцискиот процес на земјата и предизвиците кои претстојат во таа насока.
„Беше говор за 8 Март без ништо суштински, ниту се спомна НАТО и членството на Република Северна Македонија во НАТО, како и сите предизвици кои ни претстојат, ниту кажа еден збор за Европската Унија и евроинтеграцискиот процес на земјава со сите предизвици кои не очекуваат. Не кажа ниту збор за негувањето на меѓуетничките односи, ниту за Преспанскиот договор, ниту за Договорот за добрососедство со Република Бугарија, ниту за уставните измени“,
рече Адеми.
Тој кажа и дека во говорот не недостасувале апострофирања на жени лидери кои и честитале за изборот, посочувајќи дека честитката од претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, намерно не била спомената.
„Намерно не ја спомна честитката на претседателката на Република Косово за нејзиниот избор, иако не недостасуваа апострофирања на жени лидери кои и честитаа за изборот. Со првата нејзина реченица веќе создаде криза помеѓу Репуиблика Северна Македонија и Република Грција“,
изјави Адеми.
Грчката амбасадорка Софија Филипиду, која заедно со колегите амбасадори дојде да ја проследи седницата на Собранието за инаугурација на Гордана Силјановска-Давкова за претседателка на државата, ја напушти пленарната сала во знак на протест поради тоа што новата претседателка на државата при давањето свечена заклетва, не го употреби уставното име на земјава – Република Северна Македонија туку користеше Македонија.