Синдикатот на култура излегува на протести, објавија од Синдикатот на Фејсбук каде ги прозваа Министерството за култура и министерот Зоран Љутков.
Во продолжение ја пренесуваме во целост објавата на Синдикатот:
Министерство за култура / Ministria e Kulturës – ЧУВАРИ НА ТРАДИЦИЈАТА
Како и секоја пролет од потпишувањето на Колективниот договор па до денес, Министерството за култура храбро се бори да зачува една специфична традиција – традицијата на протести на културните работници.
Групата од само неколку суперхерои, кои себеси гордо се нарекуваат „Министерството“, и оваа година никако не разочарува. Уште еднаш покажаа дека министерот за култура не е дел од „Министерството“, туку обичен инструмент во нивните раце.
Како во стриповите, „Министерството“ секогаш „праведно“, без трунка завист, пакост или малициозност, се бори против „злиот“ Колективен договор за култура. Нивното мото е јасно:
„Укинување или смрт!“
Зарем е нормално културните работници во Македонија да имаат плати како нивните колеги во Бугарија, Србија, Албанија, Косово или Црна Гора?! Секако дека не. Македонија мора да остане на дното – длабоко под сите. Никој не смее да го преземе тој примат!
Затоа е тука „Министерството“ – да обезбеди институции без добри директори, програми без квалитет, проекти со проблеми, и, најважно од сè – плата која не смее да расте.
Според нивната логика:
– Уставот е погрешно сфатен документ,
– Законот за работни односи е апсурд,
– Колективните договори се нешто што мора да се укине – по секоја цена.
Иако сето ова звучи како сатира, всушност е саркастичен одраз на реалноста.
Имавме надеж дека конечно ќе се случи промена, особено со уметник од нашите редови како министер. Но, мораме јавно да признаеме – не само што ништо не се промени, туку повторно работите продолжија по старо.
СКРМ останува цврсто на ставот дека Колективниот договор за култура, Колективниот договор за јавниот сектор и Законот за работни односи мора да се почитуваат. Тоа не е прашање на добра волја на поединци или функционери. Тоа е обврска – законска, морална и цивилизациска.
Секој што дејствува против социјалната држава – ги поткопува работничките права и го урива системот на праведност, солидарност и еднаквост.
До суперхероите од групата „Министерство“ упатуваме една искрена, иако саркастична порака:
Патот до вашите повисоки плати не оди преку укинување на Колективниот договор за култура, туку преку создавање Колективен договор за државни службеници.
И колку и да се борите против нас, ние уште посилно стоиме зад вас – не за да ве срушиме, туку да ве поддржиме во вистинската борба за работнички права.
Нашата рака е подадена.
На вас останува да го тргнете превезот на зависта – и конечно да зачекорите по патот на социјалната правда.
Колективен договор сега!
Советот на СКРМ на состанокот одржан на 08.04.2025 година ги донесе следните Одлуки:
1. Отворен протестен состанок на Советот во проширен состав пред Министерството за култура во петок 11.04.2025г. во 11часот.
2. Поднесување на кривични пријави до сите чинители ( директори и изготвувачи на упатства за изготвување на плата за месец Март спротивно на колективните договори)
3. Поднесување на кривични пријави за доцнењето на исплата на плата ( по КД за култура 10ти во месецот)
4. Тужби за задоцнета исплата на плати во последните три година
СОВЕТ НА СКРМ