Сите докази за нападот на српската група во Бањска водат до Вучиќ

Овие докази се потврдени од нашиот најважен сојузник, а се споделени и со земјите членки на НАТО. Сите докази водат до Вучиќ. Не зборуваме за негово губење контрола врз некои банди. Зборуваме за тоа дека преку банди ги организирал и наредувал нападите. Сега се обидува да побегне од одговорност, давајќи некои имиња, вели претседателката на Косово во интервју за пан-арапскиот медиум „Ал Ан“

Претседателката на Косово Вјоса Османи, тврди дека сите траги од нападот на српската група во Бањска во северно Косово на 24 септември минатата година водат до претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Во интервју за пан-арапскиот медиум „Ал Ан“ (www.alaan.tv), кое синоќа го дистрибуира прес-службата на Претседателството на Косово, Османи вели дека и од косовските сојузници е потврдено дека Вучиќ стои зад нападот, како наредбодавач и организатор.

„Овие докази се потврдени од нашиот најважен сојузник, а се споделени и со земјите членки на НАТО. Сите докази водат до Вучиќ. Не зборуваме за негово губење контрола врз некои банди. Зборуваме за тоа дека преку банди ги организирал и наредувал нападите. Сега се обидува да побегне од одговорност, давајќи некои имиња. Сите знаат, имам примено многу гости и лидери во мојата канцеларија и тоа ми го потврдија. Има и случаи кога директно му кажале на Вучиќ дека имаат многу докази дека тој стои зад нападот. Ова сведоштво е потврдено од разни сојузници“,

изјави Османи.

Според неа, Косово ја спроведе својата истрага преку одговорните институции, по што дел од резултатите на истрагата е објавен, а дел зависи од полицијата кога ќе биде објавен.

„Сите докази постојат за оние кои сакаат да ги видат. Но, има земји кои не сакаат да ги користат, а и други кои сакаат да ги игнорираат. Но, историјата во многу случаи не научи, на потешкиот начин, дека кога автократите се обидуваат да се смират, тогаш се охрабруваат да направат повеќе, а не помалку“,

порача Османи.

Во нападот на српска вооружена група во Бањска кај Звечан, на 24 септември 2023 година, загина припадник на косовската полиција, а уште двајца беа повредени. Тројца од српските напаѓачи беа убиени во полициската реакција.

Пронајдете не на следниве мрежи: