Сите досегашни претседатели беа верни на своите партии, тоа треба да се промени

„Викаат претседателот нема надлежности. Но, тоа не е точно. Тоа го велат политичките партии кои кандидатите ги вадат од под перница и ги носат да станат претседатели кои подоцна имаат обврска кон политичките субјекти, а не кон граѓаните“, вели претседателскиот кандидат

Кандидатот за претседател Максим Димитриевски на денешниот предизворен митинг во Тетово /
ФОТО: Фејсбук-профил на Максим Димитриевски

Кандидатот за претседател од Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски вели дека досегашните шефови на државата се покажале дека се повеќе се верни на партијата која ги номинирала, отколку на граѓаните кои ги избрале и тоа, како што рече, треба да се промени.

Според Димитриевски, досега ниту еден претседател не се одважил да се спротивстави ниту на партијата од каде што потекнува ниту на било кој политички субјект.

„Викаат претседателот нема надлежности. Но, тоа не е точно. Тоа го велат политичките партии кои кандидатите ги вадат од под перница и ги носат да станат претседатели кои подоцна имаат обврска кон политичките субјекти, а не кон граѓаните“,

рече Димитриевски на денешната средби со граѓаните од Тетово која беше дел од неговите предизборни митинзи.

Димитриевски, пред тетовчани, рече дека тој, доколку дојде на позицијата претседател, никогаш не би потпишал закон со којшто не се согласува мнозинството на граѓаните во оваа држава.

„Ниту еден претседател во историјата на оваа држава, со исклучок на поединци со доблест и став, не се одважија во ниту една прилика да кажат не, на кој било политички субјект, а камоли на тој од кадешто потекнуваат. Јас од позиција на претседател никогаш нема да потпишам закон со којшто не се согласува мнозинството на граѓаните во оваа држава. На крајот на краишта, никогаш закон кој се прави измени во Кривичниот законик за само-амнестирање на овие актуелни и оние коишто беа, а притоа да молчам. Македонија бара претседател којшто ќе излезе од граѓаните и ќе биде претседател на граѓаните, со граѓаните, секојдневно да ги чувствува нивните маки и проблеми и да ги споделува“,

рече Димитриевски.

Димитриевски потсетувајќи на случаите со случаите „Дурмо турс“ и Модуларната болница во Тетово, рече дека нема да дозволи такво нешто да се повтори. Тој рече дека на изборите граѓаните гласаат против и така ќе биде и сега.

„Дојдоа времиња невремиња во Македонија, 30 години, едно исто, доаѓаат едни си заминуваат други, по 4 или 8 години се враќаат тие коишто претходно заминале и секоја година се полоши од тие што претходно биле, и така во континуитет, сето тоа се врти во круг, а од година во година, граѓаните се сè полошо и полошо“,

додаде тој.

Според Димитриевски, сега сме пред историски чин за сите нас и тоа е факт.

„Граѓаните можеби и сакаат да ја променат оваа состојба. Ние во Македонија во континуитет гласаме против ниту еднаш за, секогаш граѓаните се ставени пред избор да гласаат за помало зло од претходното. И за прв пат во Македонија на претседателски избори имаме 7 кандидати, а жртва сме на два политички субјекта во македонскиот блок и два субјекта од албанскиот блок“,

посочи Димитриевски.

Тој обвини и дека за да се добие раководно место во Министерствата за одбрана или за внатрешни работи треба да се има партиска книшка.

„Македонија дојде на едно дереџе каде што денеска имате втор или трет министер, бидејќи не знаеме колкав им е бројот, да луѓе без ниту еден ден работен стаж дојдоа да водат најодговорни ресори во државата. За советници на министри се ставаат луѓе со прво вработување. Професионалците ги згазија и ги ставија во ќошот. Дипломатијата крахираше во целост. Професионалните дипломати се ви канцеларија и решаваат судоку и крстозборки, а овие партиските активисти, келнерите од кафаните  со приучени и недоучени дипломи ги праќате да ви прават врвни дипломатски кариери“,

додаде Димитриевски.

Пронајдете не на следниве мрежи: