Сиљановска-Давкова го потпиша указот на Законот за реорганизација на министерствата

Претседателката оценува дека законските измени се реформски и дека со нив, пред сè, како што вели, ќе се анулира паралелизмот на надлежностите на многу министерства, и ќе се обезбеди функционалност и одговорност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го потпиша указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот организација и работа на органите на државната управа. Во објавата на својот официјален фејсбук-профил, во кој информира за потпишувањето на указот, Сиљановска-Давкова повторува дека на законски измени како оваа, кои се носат со двотретинско мнозинство, шефот на државата нема право на вето.

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на РСМ

Претседателката оценува дека законските измени се реформски и дека со нив, пред сè, како што вели, ќе се анулира паралелизмот на надлежностите на многу министерства, и ќе се обезбеди функционалност и одговорност.

„Второ, ќе се (дис)лоцираат надлежностите во соодветните министерства, со што ќе се рационализира и ефектуира нивната работа (Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, Министерство за економија и труд, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за култура и туризам)“,

вели Сиљановска-Давкова.

Со носењето на измените на Законот за реорганизација на државната управа, како што додава шефицата на државата, ќе се институционализираат стратегиските приоритети на државата преку формирање соодветни министерства за европски прашања и за дигитална трансформација.

Последно, додава Сиљановска-Давкова, преку реорганизација на министерствата и формирање Министерство за спорт ќе се подигне нивото на општествена грижа за физичкото и менталното здравје на нацијата.

Претседателката на државата уште вчера најави дека ќе го потпише указот на законските измени за реорганизација на министерствата и додаде дека нема право на вето на закон изгласан со двотретинско мнозинство. Пратениците го изгласаа законот околу три часа по полноќ во петокот со 88 гласа „за“ и 22 „против“.

Законското решение беше на предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на идната влада, Христијан Мицкоски, а освен од пратениците од Движењето ЗНАМ и од коалицијата „Вреди“, беше поддржано и од дел од пратениците на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ.

Пронајдете не на следниве мрежи: