Сиљановска-Давкова: Ние сме подобри од некои земји кандидати за ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека Македонија не само што чекори рамо до рамо со водечките кандидати за членство во Европската Унија, туку во одредени сегменти е и пред некои од нив.

Во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, таа нагласи дека пристапниот процес треба да се води врз основа на факти и критериуми, а не на, како што рече, иррационални барања.

„Зборуваме за политика заснована на докази, а не на иррационални услови. Тоа покажува дека не само што сме рамо до рамо со главните претенденти за брзо членство во ЕУ, туку сме и подобри од некои од нив“, истакна Сиљановска-Давкова.

Таа посочи дека македонското законодавство во голема мера е усогласено со европското, што, според неа, е дополнителен аргумент за напредокот на државата во евроинтегративниот процес.

Сепак, предупреди дека и покрај исполнувањето на условите, процесот може да биде блокиран од страна на земјите членки.

„И најбрзите кандидати може да ги затворат кластерите и поглавјата, но утре повторно некоја членка може да стави вето и да отвори прашања што немаат врска со Копенхашки критериуми, туку се поврзани со историјата и културата“, рече таа.

Според претседателката, токму ваквите прашања не треба да бидат дел од преговарачкиот процес и за нив не се потребни дополнителни гаранции.

Во однос на можните решенија, Сиљановска-Давкова посочи дека понекогаш е потребна креативност и флексибилност во толкувањето на одредени протоколи, но без да се навлегува во детали во јавноста.

„Креативноста некогаш е нужна. Постојат различни можности за интерпретација на протоколите, но тоа се прашања што бараат внимателен пристап“, додаде таа.

Пронајдете не на следниве мрежи: